| четврток, 6 декември 2018 |

Милошоски: Уставни измени за независност и поголема самостојност на Судскиот совет

antonio-milososki

Собранието денеска ја започна расправата по Предлогот за пристапување кон измена на Уставот. Со предложените измени се бара попрецизно дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена, прецизирање на фискалните правила во буџетот со ограничување на буџетскиот дефицит од три проценти и на јавниот долг од 60 проценти од БДП, промена на називот на Народна банка во Банка на РМ. Со измените се предлага и воведување на институтот уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, промени на надлежноста за одлучување на одлуките по жалба на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд, и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд, создавање уставна можност за формирање финансиска зона, како и дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМЕ рече дека СДСМ се води по парадигмата дека молчењето е злато.

– Некои велат дека молчењето е одобрување, но молчењето по однос на измените во Уставот е политичка несериозност, посочи Милошоски.

Се осврна на уставната жалба која, како што рече, ќе претставува посебен правен лек во надлежноста на Уставниот суд и ќе треба да претставува и преточување на Европската конвенција за човекови права во правниот систем на Република Македонија. Според него, тоа значи дека таа ќе биде алатка на располагање на секој граѓанин кој смета дека со поединечни или со општи акти, од носители на јавни функции, функционери на институции или други установи им се повредени одредени нивни основни човекови права или слободи.

– Уставната жалба и нејзиното воведување очекувам да ја зголеми соработката меѓу Уставниот суд на Република Македонија и Судот за човекови права во Стразбур, да ја усогласи дополнително праксата на нашиот Уставен суд и другите инстанци пред Уставниот суд и Уставната жалба со пракасата на Судот за човекови права во Стразбур и со тоа да ги намали поплаките, жалбите и обраќањата на граѓани на Македонија до Судот во Стразбур, рече Милошоски.

Во врска со промена на составот на Судскиот совет, рече дека со измените на местото на двата члена по функција ќе има двајца нови судии избрани на непосредни и тајни избори од редот на судовите.

– Со измените ќе има две третини судии кои се избрани на непосредни избори од страна на судиите и пет членови вио Судскиот совет односно една третина кои ќе бидат избрани од Собранието по предлог на Комисијата за избори и именувања и по предлог на претседателот на државата. Сметам дека со ваквите измени ќе постигнеме поголема независност и поголема самостојност на Судскиот совет, а со тоа и на судската фела и судството во целина, истакна Милошоски.

За воведувањето на високите фискални правила рече дека нивното непочитување во некои држави ги довело тие држави до банкрот и во тешка должничка криза.

– Преточувањето на нормите од Спогодбата за фискалната стабилност на ЕУ во Уставот на РМ ќе претставува еден силен знак дека Република Македонија дури и пред членството во ЕУ е спремна да ги следи највисоките правила кои во моментов се и најактуелни во Унијата. Границата за буџетскиот децифит ќе биде најмногу до три проценти од БДП, а горната граница за јавниот долг ќе биде најмногу до 60 проценти од БДП. Македонија со ваквите измени во Уставот ќе покаже голема фискална одговорност, спремност за буџетска дисциплина, спремност да ги примени највисоките норми на ЕУ и подготвеност секоја политичка гарнитура ефикасно да управува со јавните финансии, истакна Милошоски.

Смета дека со дефиницијата на бракот во Уставот како заедница на еден маж и една жена се заштитува семејството како основна клетка на општеството и се става во највисокиот општествено правен акт во Уставот, со што се заштитуваат и зацврстуваат и родителските, а со тоа се заштитуваат и промовираат правата на детето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top