Директорот на јавното претпријатие Македонски железници – Инфраструктура Ирфан Асани во Атина се сретна со неговиот грчки колега Панајотис Теофанопулос. На средбата, двајцата соговорници разговараа за воспоставување на железничкиот сообраќај меѓу двете држави преку граничниот премин Битола-Кременица-Кафкасос на Коридорот 10.
Асани информираше за динамиката на реконструкцијата на пругата од македонска страна во должина од 16 километри што треба да започне годинава, а се очекува да заврши до крајот на идната година. Од грчка страна, како што соопшти денеска Македонски железници – Инфраструктура, потврдена е определбата станицата Кафкасос да биде заедничка гранична станица, а изразена е и подготвеност Грчките железници со сопствени средства да ја реконструираат станичната зграда и сите дополнителни објекти за таа да може да функционира како станица на највисоко ниво.
Двајцата соговорници разговараа за зголемување на интензитетот на товарниот сообраќај по Коридорот 10 и ја поддржаа идејата следните чекори за заедничките точки за железничко поврзување да се остваруваат во присуство и на ресорните министерства. Дадена е и поддршка за напорите што ги прави македонската страна околу изградбата на Коридорот 8, особено за последната делница Крива Паланка до бугарска граница, како и за сите проекти финансирани преку ИПА фондовите наменети за модернизација на Коридорот 10 и делот на проектирање и подготовка на техничката документација за Коридорот 8.
На состанокот станало збор и за меѓусебната размена на капацитетите во областа на телекомуникациите за што постои можност имајќи предвид дека на граничниот појас Гевгелија – Идомени има оптички кабел. Посетата во Атина следува по првата средба меѓу двајцата директори што по долгогодишна пауза беше остварена во Скопје на 17 јули минатата година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


