Министерот за здравство Никола Тодоров е во дводневна работна посета на Словенија и Германија. Како што информира денеска Министерството за здравство, Тодоров ќе посети повеќе медицински центри во Словенија и во Германија и ќе оствари работни средби со менаџментот на реномирани здравствени институции во овие држави.
– На средбите ќе се разговара за можноста за дообука на медицински кадри од дефицитарни струки и специјалности, кои се дел од Програмата на Министерството за здравство за дообучување соодветен специјалистички кадар од македонските болници во реномирани медицински центри во странство, се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Во текот на работната посета, министерот Тодоров ќе оствари работна средба со менаџерскиот тим на Универзитетскиот медицински центар во Љубљана, како најголема болница во Словенија и една од најголемите во регионот. Планирани се посети на повеќе врвни здравствени установи во Франкфурт, Германија меѓу кои се Универзитетската болница
во Франкфурт и клиниката Хајдекреис со болниците во Золтау и Валсроде, каде ќе бидат потпишани Меморандуми за соработка во областа на здравството.
– Со Меморандумот се дава можност за реализирање поголем број краткотрајни и долготрајни обуки на здравствени работници од сите области во медицината во овие реномирани медицински центри, како и стручен престој на словенечки и германски медицински експерти во здравствените установи во Република Македонија. Се овозможува нашите здравствени работници да имаат пристап до врвна медицинска едукација и обука, вклучувајќи и интервенции и процедури кои не се вршат во Македонија, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.