Вработувањето преку врски е минато, барем за врвот на извршната и на законодавната власт. Огласите за вработување квалитетни нови лица во Владата и во Собранието се доказ дека ќе се изберат најдобрите кадри бидејќи, во секој случај, ниту едната ниту другата институција нема обврска на оглас да бара луѓе што ќе работат таму. Практиката на Владата за ваков начин на ангажирање нови лица во своите редови ја покажува и докажува транспарентноста на вработувањата во јавната администрација. На таков начин се елиминира можноста за какви било притисоци, отварајќи ги вратите за избор на лица што се образовани и квалификувани за соодветната позиција, а досега не можеле ни да помислат дека ќе имаат шанса да се пријават и да бидат избрани. Со позитивни оценки за вработувањата преку оглас излегоа и експертите и социолозите.
- Широкиот опфат на можни вработувања, односно ангажирања во Владата или во Собрание на РМ, упатува на транспарентноста во определувањето на видот и бројот на работните места. Таа можност важи за сите лица што ги исполнуваат соодветните услови. Меѓу бројните кандидати сигурно ќе се појават квалитетни лица кои, речиси сум сигурен, ќе бидат ангажирани на соодветни позиции за да се засили квалитетот на јавната администрација, што ќе биде во функција на квалитетно извршување на поставените задачи, а со тоа и на целината на квалитетот во реализирање на програмските задачи на Владата и на Собранието. Верувам дека таквиот начин на избор на најквалитетните кадри ќе ја намали перцепцијата дека власта вработува „свои луѓе“. Впрочем, ако власта сакала да го направи тоа, немало потреба да објавува толку широкоопфатен оглас, за кој нема ниту законска обврска, туку можела да го направи тоа интерно, во рамки на одделни институции – вели професорот Томе Неновски.
Според социолозите, објавувањето на огласите за вработување во Владата и во Собранието ќе им даде поттик на сите квалитетни кадри.
- Досега кај младите лица владееше апатија и неверување дека можат да се вработат или преместат од едно на друго работно место. Посебно место во рамки на таа рамнодушност има помислата дека некој што нема врски, има шанси да се вработи во јавна администрација. Едноставно, сите се убедени дека таквите работни места се за партиски членови или за лица што имаат врски со власта. Токму поради тоа, новиот начин за избор на најсоодветни лица за ангажирање во јавната администрација, и тоа за раководни позиции, влева надеж дека работите во земјава, барем на економски план, се придвижуваат од мртва точка. Се отвораат нови можности и се создава нова енергија која може да биде зародиш на нов општествен оптимизам бидејќи сите сфаќаат дека за едно работно место сите имаат исти шанси – велат социолозите.
Најголем интерес досега има за различните позиции што се бараат на двата огласа за ангажирање лица на раководни и на нераководни позиции и за советници во повеќе области што ги објави Кабинетот на премиерот на Република Македонија.
Овие огласи се објавени на 27 јуни, а сите заинтересирани може да аплицираат до 14 овој месец. Имено, на огласите се бараат лица за раководни и за нераководни позиции од областа на странски инвестиции, поддршка на домашната економија, човечки ресурси, протокол и право, и за нив може да аплицираат тие што поседуваат квалитет, способност, кои веруваат во себе и кои ценат дека можат да придонесат во реализацијата на реформите и во владината политика.
Бројот на лицата што ќе се ангажираат на раководни и на нераководни позиции не е ограничен со огласот и ќе зависи од преференциите на кандидатите, односно од процената на нивниот квалитет, способноста што ќе ја демонстрираат и образованието, како и вештините што ќе ги докажат во процесот на селекција. Ангажирањето на новите лица е во функција на проширување на човечкиот потенцијал на Кабинетот на премиерот со цел реализација на владината програма за периодoт 2014-2019 година.
- На огласот за советници на претседателот на Владата на Република Македонија, кој трае до 14 јули, досега се пријавиле повеќе од 200 кандидати – објави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Тој апелираше на огласот за советници да се пријават најспособните и најквалитетни кандидати.
- Ова се многу значајни и одговорни позиции и затоа ние апелираме за пројавување интерес и за аплицирање од страна на најуспешните, најспособните и најквалитетните кадри. Лица што имаат повеќегодишно работно искуство, што имаат соодветно образование и задолжително познавање на англискиот јазик, што имаат резултати во својата работа, волја, енергија и идеи да се вклучат во реализација на една комплексна владина програма и реализација на голем број проекти коишто се од интерес на граѓаните. Сите лица што се пронаоѓаат во овие услови и во овие карактеристики се добредојдени да аплицираат заклучно со понеделник, 14 јули – нагласи Ѓорѓиев.
Се бараат вкупно 13 советници во повеќе области, односно советник за политички прашања, Европска унија, надворешни работи, животна средина, рударство и минерални суровини, за култура, економија, претприемаштво, индустрија и иновации, земјоделство, правосудство и администрација, енергетика, транспорт и врски, информатички технологии и телекомуникации и за локална самоуправа.
Портпаролот Ѓорѓиев истакна дека интерес има за сите области што се предмет на овој оглас, меѓутоа најголем е интересот за позициите советник за економски прашања, советник за надворешна политика, советник за политички прашања, советник за европски интеграции и советник за култура.
Сите заинтересирани треба да аплицираат по електронски пат на веб-страницата на Владата на Република Македонија со приложување лична биографија и мотивациско писмо, како и дипломи и сертификати доколку ги поседуваат.
Можност за пријавување, како што нагласи Ѓорѓиев, имаат сите, без разлика дали своето образование го оформиле во Република Македонија или во странство, но предност ќе имаат кандидатите со завршен втор или трет циклус студии.
- Сите кандидати задолжително треба да имаат познавање на англискиот јазик, а втор јазик се смета за предност. Исто така, потребен е и факултетски просек од минимум 8,5 – рече Ѓорѓиев.
Тој додаде дека е потребно да се има работно искуство, и тоа за странски инвестиции, човечки ресурси и за поддршка на домашната економија од по 5 години, за протокол 3 години, а додека, пак, за право 10 години.
Претходно Владата, исто така, распиша оглас во кој се бараа лица за раководни позиции, но тој заврши на 30 јуни.
Следејќи го примерот на Владата и на Собранието, и Комисијата за прашања на изборите и именувањата преку оглас бара компетентни и високомотивирани кандидати за позициите генерален секретар на Државната комисија за спречување на корупцијата, генерален секретар на Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и седум члена на Комисијата за заштита од дискриминација.
Со тоа Собранието на Република Македонија и Комисијата за прашања на изборите и именувањата го проширија огласот за ангажирање лица за повеќе јавни функции што се во нивна надлежност.
- Дополнување на огласот има и во однос на доставувањето на сертификатот за положен психолошки тест и тест за интегритет за места во Дирекцијата за заштита на личните податоци, Комисијата за решавање жалби од областа на енергетиката, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и во Комисијата за жалби по јавни набавки – соопшти неодамна Зоран Илиоски, претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Тој истакна дека крајниот рок за поднесување на пријавите останува непроменет, односно до 20 јули.
- Би сакал уште еднаш да нагласам дека ваквиот оглас за пројавување интерес не е законска обврска на Собранието, но цениме дека на тој начин им се дава можност на поголем број способни луѓе да аплицираат и воедно се збогатуваат принципите на демократијата – истакна Илиоски.
Тој нагласи дека досега распишаниот оглас е проследен со голем интерес, кој секојдневно расте.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 97. број на неделникот „Република“, 11.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.