
Се покажало дека првобитните вооружени јадра (терористичките групи, четите од привремен карактер и „летачките групи“) ниту биле во можност, а ниту биле способни да ги реализираат политичките цели на организацијата – добивање автономија на Македонија преку вооружена борба. Наредната етапа од развојот на МРО, покрај другото, налагала поголема масовност на делото, потоа воена обука на населението, извршување судски процеси, пропагирање, егзекуции, проследување, итн. – активности за кои се покажало дека најдобро би ги спроведувале организациско-агитациските чети на организацијата.
Почетната фаза на формирањето на четничката институција траела сè до нејзината кодификација, т.е. со установувањето на правилникот за четите од 1900 година. Автори на правилникот биле Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Почетната фаза од формирањето на четничката институција датирала од Уставот на МРО од 1896/97 година, во кој се предвидувала (глава втора, членот 11) можноста за формирање околиски чети во окрузите, но без да се прецизираат начините и методите што требало да се инкорпорираат во практиката. Следен чекор бил циркуларот на Централниот комитет до сите околиски раководства од есента 1898 година, со кој биле расформирани дотогашните т.н. терористички чети и се наредувало формирање регуларни околиски чети.

Четата на Христо Чернопеев
Првите чети на организацијата почнале да се формираат во пролетта 1897 година. Во овој текст нема да навлегуваме која била прва организациска чета на МРО, бидејќи сè уште постојат разни гледишта и ставови меѓу историчарите за ова прашање. Но, едно е јасно, во овој период (1897-1900) сè уште не може да се зборува за постоење голем број организациско-агитациски чети, иако на територијата на османлиска Македонија во посочениот период биле формирани мноштво вооружени чети. Ваквиот став се темели на фактот дека во овој период не постоел соодветен раководен кадар (војводи), кој во целост ја сфаќал целта и програмата на МРО, а од друга страна најголем дел од четите биле составени од поранешни арамии и отпадници од законот, кои тешко се одвикнувале од своите арамиски навики.
Според историчарката Марија Пандевска, која ова прашање го обработува во монографијата: „Струмичкиот револуционерен округ (1893-1903)“, предвесник на организациско-агитациските чети била т.н. Малешевска чета. Идејата за формирање на оваа чета потекнувала од Г. Делчев, кој уште во пролетта 1897 година во Софија се ангажирал околу врбувањето војнички обучен кадар. Во Малешевската чета влегле кадри, кои подоцна станале едни од водечките луѓе во формирањето на Четничкиот институт на МРО. Во нејзиниот состав биле: Никола Петров Русински, Михаил Апостолов-Попето, Васил Чочов, Александар Маринов, Филип Григоров, Петар Георгиев и еден телеграфски поштенски чиновник. Според Пандевска, до крајот на јули 1897 година, Малешевската чета немала агитациска задача и нејзините контакти биле ограничени на контакти со реонските раководства и со куририте за набавка и кореспонденција. Голема улога и влијание во натамошните активности на четата имало повременото присуство на Делчев во нејзините редови. Така, на пример, за време на неговиот престој во Струмичкиот округ, тој, како дел од четата, вршел и агитациски и организациски обиколки. Г. Делчев разговарал со локалните раководства на организацијата, а ги посетил и селата Русиново, Смоимирово, Негрево и Панчарево. Како најдобар пример за неговата организациско-агитациска дејност, историчарката Пандевска ги искористила спомените на Русински, кој опишал еден разговор меѓу жителите на село Сачево и Г. Делчев. Имено, тие побарале помош од организацијата во борбата за управување на училиштето и на црквата меѓу егзархиската и патријаршиската група во селото. Во овој случај се покажале агитациските способности на Делчев, кој им објаснил на насобраните селани дека МРО не дејствувала во насока на пропагандната војна на бугарската егзархија, туку дека нејзината цел е да ги обедини егзархистите и патријаршистите низ заедничката борба за ослободување на татковината. Оттука, преку овој пример, но и многу повеќе од тоа, со право Делчев го носи епитетот основоположник на четничката институција, чиишто ингеренции се состоеле во ревизија на четите на организацијата.

Четата на Апостол Петков Терзиев
Како и да е, Малешевската чета, која се движела во источниот дел на османлиска Македонија, во зимата 1897 година на терен, ја затекла познатата „Виничка провала“. Последниот настан имал голема улога во развојот на Четничкиот институт, но и ја потврдил неопходноста од негово постоење. Имено, огромните последици по структурите МРО предизвикани од масовните апсења, проследувањата и теророт врз локалното население, откривањето многубројно оружје, итн., ја наметнало потребата од формирање постојани околиски чети, кои ќе го заштитувале локалното население, но и ќе ја одржеле организациската структура на МРО во реоните што биле зафатени од провалата. Затоа овој настан во многу сегменти претставува завршување на една етапа од развојот на организацијата – промена што се однесува за самото револуционерно движење, но и за политиката на Османлиската империја и другите балкански претенденти кон територијата и населението на Македонија. Османлиските власти, како и светската јавност, дознале за постоење на една автохтона организација, чијашто цел била преку вооружен отпор да се постигнат политички цели за подобрување на општата состојба во Македонија. И затоа, Пандевска повторно заклучува дека развојот на МРО преку поголема масовност на локалните комитети и вооружувањето на дел од народот ја наметнало потребата од трансформација на организациската структура и преминување од агитациската форма на дејствување кон нови форми на организирање, т.е. за натамошно проширување на организациската мрежа, особено во селата, се покажало потребата МРО да располага со сопствена вооружена сила.

Четата на Атанас Бабата
Ако првата чета во солунскиот округ била формирана во пролетта 1897 година, на чело со Апостол Петков Терзиев и Иван Карасулијата, а како што забележавме во истиот период била формирана и првата чета во источна Македонија, тогаш во битолскиот округ првиот обид за формирање чета бил направен во 1898 година. Првата чета во Прилепско била формирана дури во 1900 година, под војводство на Мирче Ацев и Јордан Пиперката. Подоцна од оваа чета се одвоил Пиперката и со седум комити заминал за Демирхисарско и за Кичевско. Во истиот период, 1900 година, била формирана и првата чета во Костурско под војводство на Коте Христов од селото Руља. Меѓутоа, во овој период се својата војничка, организациска и агитациска способност се издвојувале неколку поединци, кои од своите чети „произвеле“ добро обучен војводски кадар, кој, пак, подоцна се истакнал со своја револуционерна дејност. Такви биле Марко Иванов (Лерински), од чијашто чета произлегле војводите: Методија Патчев, Славејко Арсов, Никола Димов; од четата на Михаил Попето, кој дејствувал на широк појас во османлиска Македонија (Серско, Кукушко, Солунско, Велешко, Гевгелиско и Малешевско), произлегле војводите: Христо Чернопеев, Михаил Герџиков, Крсто Б’лгарија, Петар Јуруков, Атанас Бабата.
По донесувањето на правилникот за четите (1900), со кој се регулирала општата поставеност на организацијата, како и структурата и внатрешните односи на четите, биле изработени и правилници за селските чети и Општ правилник за четите. Покрај ревизијата на четите, должност што на почетокот ја извршувал Делчев, подоцна се формирале и ревизорски чети за сите револуционерни окрузи. Првата ревизорска чета била формирана во битолскиот револуционерен округ и се состоела од 15 четници, а била формирана непосредно пред Илинденското востание.
Во секој случај, улогата на Четничкиот институт била огромна во развојот на македонското националноослободително движење, особено во подигањето на револуционерниот дух на македонското население. Раководствата на Организацијата, посебно градските, не можеле да го имаат тоа влијание што го имале четите. Покрај организациско-агитациската дејност, четите прераснале во вооружена сила, способна за вооружена конфронтација не само со османлиската власт, туку и со паравоените формации на соседните балкански држави, кои биле карактеристични по Илинденското востание.
(Пишува: Д-р Димитар Љоровски-Вамваковски
Текст објавен во 96. број на неделникот „Република“, 4.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Студентите на ФИНКИ изработија нова едукациска алатка за учење историја
-
Бекер: Да имав можност да играм со Федерер на Вимблдон, сигурно ќе бев поразен!
-
Жежов: Република Македонија е исправена пред еден од најтешките предизвици од независноста до денес
-
Проф. Котлар: Можеме да зборуваме за заеднички процеси во одредени периоди со Бугарија, но не и за заедничка историја


