Земјотрес со интензитет од 6,8 степени според Рихтеровата скала и помало цунами го погодија утрово североисточниот дел на Јапонија, регион што во март 2011 го разори земјотрес и катастрофално цунами.
Три лица се повредени во префектурата Фукушима, а 26.000 жители во крајбрежните области во префектурите Ивата и Мијаги добија совет да се евакуираат по издавањето предупредување за цунами.
Компаниите за снабдување со електрична енергија и локални претставници рекоа дека нема извештаи за нови проблеми во нуклерните централи во областа, вклучувајќи ја и Фукушима Даичи, која е тешко оштетена од катастрофата пред три години.
Земјотресот е регистриран утрово во 4.22 по локално време, околу 140 км. источно од брегот на префектурата Фукушима и околу десет километри под површината на океанот, соопшти Јапонската метеоролошка служба.
Предупредувањето за цунами е повлечено во 6.15, а укинати се и советите за евакуација.
Во катастрофалниот земјотрес што ја погоди областа во 2011 загинаа над 18.000 лица
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.