| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкулоска го осуди палењето на македонското знаме

Gordana_jankulovska-604x272

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска најостро го осуди чинот на палењето на македонското знаме на протестите што вчера се одржаа во Приштина.

– Очекувам дека властите во соодветните земји ќе ги преземат соодветните законски мерки за да ги расчистат случаите, а сторителите да бидат соодветно санкционирани – изјави Јанкулоска по уништувањето на запленето оружје и разновидна дрога за кои веќе се донесени правосилни судски одлуки, во печките на „Југохром“ во тетовско Јегуновце.

На новинарско прашање дали официјално е реагирано до земјите каде што е тоа сторено, таа нагласи дека тоа е во надлежност на МНР.

Во однос на најавените протести кон крајот на неделата, министерката Јанкулоска ги повика лицата кои ќе учествуваат и што имаат намера да се приклучат на протестите, тоа да го прават мирно затоа што МВР е подготвено на максимално професионален начин, со почитување на сите професионални стандарди, соодветно да одговори протестите да не доведат до нарушување на јавниот ред и мир по улиците и градовите каде што ќе се спроведат, како и нивно ескалирање во поголемо насилство.

– За постигнување на оваа цел потребно е учество и на сите други останати општествени чинители – истакна министерката Јанкулоска.

За досегашната истрага за учесниците во протестите, Јанкулоска посочи дека сѐ уште трае идентификација на лицата кои учествувале, предизвикале и провоцирале насилство. Досега се поднесени 24 кривични пријави за кои затворската казна изнесува од три месеци до пет години и 10 прекршочни пријави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top