| четврток, 6 декември 2018 |

Наместо работа во Охрид – смрт во Охридското Езеро

Полицијата го откри идентитетот на младото момче кое во саботата наутро беше пронајдено во водите на Охридското езеро во центарот на Охрид, од страна на случаен минувач, објави „Утрински весник“. Давеникот е 25. годишниот Александар Ѓ. од кочанското село Зрновци. Пред само неколку денови тој дошол во Охрид да работи во познат угостителски објект, што е честа практика за време на главната туристичка сезона.

Телото на удавеното момче го забележал случаен минувач, на оддалеченост од околу 5 метри од платформата на еден ид најелитните угостителски објекти, ресторан во централното градско подрачје каде длабочината на езерската вода е околу 2 метри. Момчето починало од давење, но каде, кога и како се случил немилиот настан засега не се знае. Последно бил виден во петокот навечер во ресторанот каде работел, но тоа не е во близина на езерскиот брег. Што се случило потоа треба да открие истрагата.

На местото на настанот извршен е увид од страна на јавен обвинител и полициски екипи. Во текот на денот врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција. Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски, за медиумите изјави дека на телото на настраданото момче не се забележани траги на насилство.

Во текот на оваа недела ова е трет случај на давеник во езерските води. 28 годишен турист од Србија и десет години помал од него албански државјанин се спасени од давење. За жал, повеќе од половина од плажите на охридската и струшката ривера немаат се` уште ангажирано спасители на вода.

Непосредно пред немилиот настан, градоначалникот на Охрид, уште еднаш ги собра концесионитерите на плажите, потсетувајќи ги на стриктните обврски – во делот на соодветно поставување на урбаната опрема како и во делот на одржување на хигиената и безбедноста на плажата, обезбедување на спасители на вода.

– Сакам да истакнам уште еднаш дека во оваа летна сезона Општина Охрид ќе има нулта толеранција за прекршителите на договорот, односно прекршување на одредбите кои ги обврзуваат концесионерите. Ќе има постојан инспекциски надзор на плажите односно нема да биде поштеден ниту еден концесионер кој што нема да се придржува до договорот за користење на плажите, предупреди Бакрачески.

Со апел до турстите и капачите во Охридското Езеро, се обратија и од Црвениот крст на Охрид. Тие непосредно пред почетокот на главната туристичка сезона, перманентно вежбаа спасување на вода, заедно со полицијата и АРМ при што се вежбаше и со хелихоптери.

– Сепак, сакам да предупредам на внимателност. Ние сме распоредени за брза интервенција. Имаме и брод-амбуланта. Меѓутоа, капачите треба и самите да се заштитат превентивно. Дневните температури се веќе високи, но не и водата во Охридското Езеро.Таа се` уште не го надминува 22 степен целзиусов, така што влегувањето во водата наеднаш е голем шок и опасност по здравјето, предупредува Сашо Точко од Црвениот крст.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top