| четврток, 6 декември 2018 |

Експерти за тероризам: ИСИЛ е валкана англо-американска кампања

Експертот за тероризам од БиХ Џевад Галијашевиќ во изјава за српскиот весник  „Новости“  тврди дека мапата што неодамна беше објавена во медиумите, во која наводно е претставен планот на ИСИС за освојување на целиот Балканот заедно со Медитеранот, па и делови од Европа,  не е ништо друго туку „заплашување“ од САД и Велика Британија.

isil

-Мапата не е нивна. Неа ја проектираше британски Дејли мејл. Тие ни ја нафрлија како мапа на ИСИС. Зашто, ако постои некоја организација што има такви цели, а притоа нема ни авиони ни бродови, тогаш ние имаме работа со будали и лесно можеме да се справиме со нив. Тоа е заплашување за да се оправдаат идните акции и сојузништвото што САД го планираат со Иран на планот на нападите врз сунитските формации во Ирак, тврди Галијашевиќ.

Сунитската милитантна група ИСИС, која прогласи калифат, односно Исламска држава на териториите на Ирак и Сирија, не е никаква терористичка организација, станува збор за валкана англо-американска кампања во врска со оваа група, вели Џевад Галијашевиќ.

Тој истакнува дека ИСИС нема ниеден авион, хеликоптер, пловило, „дури ни гумен чамец“.

-ИСИС е само една брутална воена формација: според видот на операциите што ги врши, според начинот на кој војува, влегува во градовите и ги освојува. Освен тоа, самиот ИСИС никогаш не би си го дал ова име, бидејќи тоа е англиски назив.Терористичката организација е Ал каеда, во која одат и младите Босанци. Ал каеда на сирискиот фронт ја раководи Џевлани, тој ја признава власта на Ејман Завахири, лидерот на организацијата, вели Галијашевиќ

Галијашевиќ нагласува дека вистинската закана за регионот е Ал-насра фронт, кој го управува Џевлани, а не ИСИС, кој ни е претставен како страшило, како некој што ќе дојде на Балканот и ќе го покори Медитеранот.

-Фронтот на Џевлани ја прифаќа Ал каеда. Тоа е Ал каеда. Тоа е терористичка организација, чии членови се подложени на терористичка обука и терористички начин на постапување. Кога ќе се вратат тука Бошњаците што биле со нив, ќе добиеме повеќе од триста луѓе што не знаат да прават ништо друго освен да пукаат и да поставуваат бомби. Покрај тоа, ќе добиеме луѓе што имаат сосема поинакви верски погледи на светот. Тие ќе отскокнуваат не само од исламската заедница тука, туку и од принципите на мирниот живот, правната држава и ќе претставуваат сериозна терористичка и безбедносна закана, додава тој.

И политикологот Мирољуб Јевтиќ смета дека борците од регионот што се борат на страната на ИСИС по враќањето тука ќе се судрат со официјалната исламска заедница и со муслиманските политички партии.

-Лаички ориентираното општество меѓу босанските муслимани воопшто не е свесно во каква приказна влегло, бидејќи ова е смртно сериозен свет, кој е спремен да стори сè за да ги оствари своите идеи, вели Јевтиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top