Загубен багаж, откажан лет, повеќечасовно чекање на пат поради расипан автобус, пропаднато патување по грешка на туристичка агенција, несоодветно сместување, се само дел од непријатните ситуации за кои патниците имаат право да бараат парична отштета.
Отштетите се различни и зависат од повеќе фактори, како што се европските регулативи, одредбите во потпишаните договори, спогодбите меѓу компаниите и оштетените патници и слично. Ако се работи за пропуст на автобуски превозник, туристичка агенција или авиокомпанија, отштетата се бара од одговорните лица. Но, одредени незгоди ги покрива и патничко осигурување кое граѓаните треба задолжително да го извадат пред да заминат на одмор.
Kога станува збор за аранжмани уплатени преку туристички агенции, незадоволните патници може да добијат отштета и за уништен одмор или целосно откажано патување по вина на агенцијата. Измамените и незадоволни патници, освен што имаат право да побараат враќање на уплатените пари, дополнително може да бараат и отштета за претрпен стрес и душевна болка, како и за изгубеното време, анализира „Дневник“.
– Kога патувањето и одморот се доведени во прашање, имате право да барате и паричен надомест за бескорисно изгубено време од одморот. Сепак, малкумина знаат за ова право. Сме имале многу поплаки за вакви ситуации, но досега во земјава не е покрената ниту една тужба – вели Маријана Лончар од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ).
KАКО И КАДЕ ДА СЕ ЖАЛИТЕ
Авионските патници што сметаат дека им се нарушени правата, прво треба да поднесат жалба до авиокомпанијата, а ако не добијат одговор во рок од шест недели или не се задоволни од него, треба да поднесат нова жалба до АЦВ по пошта или преку формулар поставен на интернет-страница на Агенцијата.
Граѓаните, пак, кои сметаат дека се оштетени од туристичка агенција може да бараат обесштетување или преку поднесување претставка во Државниот пазарен инспекторат или преку надлежен суд. Ако инспекторите утврдат дека туристичката агенција навистина ги прекршила потрошувачките права на клиентот, пазарните инспектори даваат рок од пет дена да постапи според договореното со потрошувачот. Ако агенцијата не го направи тоа, ќе добие забрана за вршење дејност, а против неа ќе се поведе и прекршочна постапка.
Повеже на „Дневник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


