Попис. Статистичка операција која во Македонија служи за сѐ само не за тоа што е наменета. Така, и неколку години по прекинатото теренско попишување на населението во Македонија, пописот повторно се врти на политичката дневна игра. Меѓу барањата на опозициската СДСМ за враќање во Собранието се најде и пописот. Истовремено, или подобро кажано како претходница, се турка идејата за „попис сега“ преку разни граѓански платформи.
Не е спорно тоа дека спроведувањето попис е потребен во насока на планирање и дефинирање на идната политика. Не е спорно ниту тоа дека македонските институции, пред сѐ Државниот завод за статистика, како носечка институција, се потполно функционални и за нив операција како попис не претставува никаков проблем, оценува политикологот Ивица Боцевски.
– Меѓутоа, суштинскиот проблем околу неспроведувањето на пописот е тоа што по Рамковниот договор резултатите од пописот станаа основа за остварување на колективните права. Пред сѐ, тука станува збор за вработувањата во администрацијата. ДУИ одбива да се пристапи кон попис кој ќе покаже пониски бројки за етничките Албанци од 25,17 проценти од претходниот попис. И тоа не е ништо ново во светот, постојат држави што имаат слични решенија како нашето, каде што попис не е спроведен со децении. Либан е најеклатантниот пример каде што последниот попис го спровела француската колонијална администрација во 30-тите години на минатиот век – вели Боцевски.
Политичкото слепило на СДСМ и нивниот опортунизам ги води во вакво одвратно подигрување со институциите на сопствената држава. Тие, доколку се одговорна партија, за каква што се претставуваат, ќе ја водеа својата политика за јакнење на македонските институции, а не за ставање под знак прашалник на капацитетот на институциите, којшто е неспорен. Нивниот нихилизам, впрочем, ги доведе до ќор-сокакот каде што се наоѓаат сега – додава Боцевски.
Барањето на опозициската СДСМ, според аналитичарите, е поврзано со привидно намалување на катастрофалниот пораз доживеан на последните избори. Се поставува прашањето дали раководството на партијата полесно би ги прифатило резултатите доколку беше спроведен пописот.
– СДСМ не умее да се соочи со плурализмот и со демократијата. Тие нема да признаат никакви избори, освен ако не победат на нив. Тоа е логично продолжување на кафеанското политичарење, каде што народот секогаш е во право, дури и кога греши. Но, помина времето кога со кафеански трикови можеше да се измамат граѓаните – се надоврзува Боцевски.
Сакале или не, Евростат и ЦИА нѐ пребројуваат на месечна база
Денот кога се затвораше овој број на „Република“, Евростат објави податоци поврзани со цензусот во државите што се кандидати за членки во ЕУ, како вид препораки и надополнување на заклучоците од пописите во 2010/2011 година.
Во него е нагласено дека во 2011 година Државниот завод за статистика ги финализирал подготовките за третиот попис во земјава. Од технички аспект, институцијата била подготвена за попис според меѓународните препораки, но дека пописот бил сопрен на десеттиот ден поради „непостоење основни услови за натамошно спроведување, кои најмногу се однесуваат на нееднаквост во однос на спроведувањето на методологијата која била хармонизирана со Евростат“.
Овој документ од Европската комисија опфаќа девет држави од балканскиот регион, но и Исланд. Тоа што е воочливо е дека во табелите е споредбата меѓу три вида спроведување попис – теренски или таканаречен „лице в лице“, потоа комбиниран и оној вид кон кој се стреми светската статистика – цензус направен според податоци во регистар.
За пописот во Македонија биле потребни 15.694 попишувачи, 1.496 контролори и 164 супервизори. Буџетот за спроведување, според документот од Брисел, изнесувал 9,77 милиони евра.
Цензусот во Исланд, пак, бил спроведуван три години од 2011 до лани. За тоа биле ангажирани, во просек, по седум вработени од исландската Статистика. Се нагласува дека биле, без исклучок, високообразовани лица. Од април 2011 до март 2013 година пописот чинел 1,1 милион евра, а за тоа Исланд добил и финансиска помош од 640 илјади евра од фондот ИПА.
– Основен предуслов за спроведување попис на населението, домаќинствата и на становите од регистри е постоење на тие регистри, притоа се мисли на регистрите за население, но и на голем број други регистри, кои засега не постојат во Република Македонија во форма на регистри, туку како одделни бази на податоци расположливи во разни институции, како што се Фондот за здравство, ПИОМ, Агенцијата за вработување, Катастар и слично, и кои треба да бидат извори на податоци во пописот на населението – посочуваат од Државниот завод за статистика за „Република“.
Покрај постојните бази со податоци, треба да се оформат и други бази, како, на пример, база со податоци за конвенционални живеалишта, база на адреси и слично. Процесот е долг и подразбира соработка на многубројни институции чии податоци треба да се поврзуваат. Дури тогаш Државниот завод за статистика во овој процес би се јавил во улога на корисник на податоци, кои понатаму би ги обработил во согласност со меѓународната методологија за попис на населението.
– Се разбира дека пописите базирани на регистри во значителна мера би ги намалиле трошоците во врска со пописните активности, особено трошоците за ангажирање човечки ресурси, кои се и најголема ставка во буџетот на секој попис, но, од друга страна, треба да се имаат предвид трошоците што се неопходни како за воспоставување, така и за одржување на регистрите – додаваат оттаму.
Иако официјален попис не е спроведен од 2002 година, тоа не значи дека нема информации за бројноста на македонските граѓани. Според Евростат, Македонија на први јануари 2013 броела 2.062.294 жители. Во јули, според податоците објавени на ЦИА, бројот на граѓани во земјава изнесувал 2.091.719. Овие бројки се надополнети со информации за бројот на родени, починати, иселени, вработени, како и за старосната, образовната и религиската структура, но и други статистички карактеристики, вклучително и достапноста на чиста вода или состојбата со дебелината. Според Државниот завод за статистика, на 31.12.2013 година Македонија броела 2.065.769 државјани. Гледано по години, онака како што Евростат ги дава резултатите, растот од три илјади е во рамките на годишниот раст на популацијата во Македонија.
Македонски регистри
Иако засега се вели дека има само база на податоци, дел од институциите во Македонија работат на воспоставување регистар. На пример, огласот за пријавување за субвенции во земјоделството годинава првпат се одвиваше електронски. Пријавувањето се одвиваше без друга, инаку обемна, документација, како што беше порано. Во огласот беше наведено дека аплицирањето се врши врз основа на претходно евидентирани податоци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни.
Тони Димовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, вели дека регистрите се сериозна алатка во однос на политиката во земјоделството.
– Оваа реформа се спроведува неколку години, а сега се користат благодатите од неа. Изминатиот период се правеа регистри, практично секоја година со пријавувањето на земјоделците се вршеше ажурирање на тие регистри. Но, и со обврската да ги пријавуваат сите промени во земјоделските стопанства во определен рок, овие регистри се ажурираат и се сериозна алатка во сегментот земјоделство. Во однос на пријавувањето, сега сме во фаза кога не се потребни документи за субвенциите, туку само се потврдуваат податоците што веќе се внесени во системот, вели Димовски.
Овие регистри се само показател дека таков систем постои. Во случај, пак, со евиденцијата за тоа кој излегол или влегол во државата, односно кој е отсутен повеќе од една година, сега е лесно да се провери. Интегрираното гранично управување и воведувањето биометриски документи го поедноставуваат процесот за евидентирање на подолго отсутни од земјава. Евиденцијата за родени, починати, венчани, разведени се води во Управата за водење матични книги. Во таа насока, секако, треба да се движат и институциите што ги наброија од Државниот завод за статистика. Катастарот, пак, каде што се наоѓаат податоците за имотната состојба на граѓаните и правните субјекти, веќе има дигитализирана база, а со новиот проект за креирање нови бази, како за воспоставување Национална инфраструктура на просторни податоци, во кои би требало да се внесени податоци од повеќе институции, како и проектите Регистар на цени и закупнини и Графички регистар на улици и куќни броеви, се создава здрава основа за уште една голема и релевантна база која би се користела во евентуален современ попис.
Европските искуства велат дека не се спроведува таков вид цензус само во Исланд. Всушност, во земјата не се спроведувал попис уште од 1952 година. Исланѓаните имаат национален идентификациски број кој е поврзан со банкарските сметки и имотните листови и веднаш се добива комплетната слика.
Но, од македонскиот Завод за статистика додаваат дека, колку и да е поевтин и побрз, сепак, не ги обезбедува сите варијабли што може да се приберат со традиционалниот попис. Во случај, пак, со Македонија, каде што се компликува секој обид за оваа најобемна статистичка операција, ќе додадеме дека е најисплатлив во секоја смисла.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 95. број на неделникот „Република“, 27.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Симовски: Не е исклучено во пописот да биде вклучена и етничката припадност
-
На пописот во 2020 нема да има листови хартија, само лаптопи
-
Пробен попис во четири општини во 2019: Жителите нема да се изјаснуваат за етничката и верска припадност
-
Дури за две години – од Статистика најавуваат попис за 2020 година!