Сакам кариера, да заработам доволно пари, да купам сопствен стан, да возам автомобил… Кога ќе бидам сигурна дека заработувам доволно за да можам да му го пружам најдоброто, тогаш ќе имам дете – ова е најчест коментар на жените од урбаните средини. Ако порано било нормално да се стапи во брак на 24 години, денес коментарот за тоа е дека е премногу млада, дека е дете и дека треба да ужива во животот повеќе. Барањата на денешните млади се поголеми. Живот во заедница со баба и со дедо – никако. Жена-домаќинка – никако. Тоа се одразува негативно врз наталитетот на земјата – помалку склучени бракови, помалку новороденчиња. Според Државниот завод за статистика, минатата година се склучени 13.982 брака или за 0,1 процент помалку во споредба со 2012 година. Но, таквиот податок не се однесува за секоја општина. Бројот на склучени бракови во општините каде што е доминантно албанското население е во пораст и е далеку поголем од бројот на бракови склучени во општините каде што главно живеат Македонци. Поголем е бројот на склучени бракови, што, секако, е тесноповрзано со бројот на родени деца. Додека расте бројот на новороденчиња од албанска националност, опаѓа бројот на новороденчиња од македонска националност.
Интересен е податокот дека бројот на склучени бракови само во општина Липково е поголем од вкупниот број склучени бракови во 12 македонски општини – во Липково минатата година се склучени 251 брак, а во 12 македонски општини се склучени 242 брака ( Вевчани 11, Вранештица 13, Градско 23, Дебарца 20, Другово 10, Зрновци 24, Карбинци 24, Конче 20, Лозово 19, Новаци 22, Старо Нагоричане 28, Могила 28).
Тоа, секако, се одразува на бројот на новородени деца – бројот на бебиња од албанска националност расте, додека бројот на новородени Македончиња опаѓа. Долгогодишниот тренд на намалување на процентот на новородени Македонци во земјава нè доведе во ситуација во 2013 година етничките Македонци првпат да бидат помалку од 50 проценти. За пет години процентот на новородени Македончиња е намален од 53,3 на 49,9 проценти, додека бројот на новородени деца од албанска етничка припадност е во пораст од 31,8 на 35,1 проценти.
Прво стан и автомобил, па брак и дете
Еден ден додека се враќав дома со такси, сосема случајно човекот што ме возеше почна разговор на тема жена-кариерист или жена-домаќинка.
– Жената, пред сѐ, е домаќинка. Тоа ѝ е примарна работа. Треба прво да се грижи за домот, да има јадење, децата да се средени, да е исчистено, па потоа да се грижи за работа и за кариера. Вие младите денес имате погрешни ставови за животот. Останувате на работа до доцна, немате време за она што ви е „главна улога“ – домаќинка. Се знае кои се обврските на жената во домот. Не може маж да готви или да мие садови – ми коментираше возачот.
Го прашав дали смета дека заработува доволно за да го издржува семејството и за да неговата сопруга биде домаќинка.
– Па, нормално дека не, гледате, јас возам такси. Колку пари можам да заработам? – беше неговиот одговор, а на прашањето дали некогаш се запрашал како ѝ е на неговата сопруга што трча од работа – дома и нема ни десет минути слободно време за одмор, искоментира дека жената за тоа е создадена.
Некогаш било така – жената била домаќинка, а мажот глава на семејството, задолжен за издржување на семејството. Но, денес тие работи се поинаку поставени.
– Кога бев дете, велев дека ќе се омажам на 24 години. Некако тоа ми изгледаше сосема нормално. Мајка ми на таа возраст веќе имала две деца. Беше посветена на нас. Татко ми работеше, мајка ми се грижеше за нас. И тоа ми беше сосема нормално. Но, како поминуваа годините, така ми се менуваа сфаќањата. Кога почнав со студии, тие 24 години во глава ми стануваа 25, па 26, па 27… Завршив студии, паралелно и работев. Ако се омажам на 25 години, кога јас ќе живеам за себе? И така таа бројка ја одложував. Сакам сопствен стан, автомобил и добра плата. Сакам кариера, не сакам да го пуштам во вода сето тоа што го правев досега – вели 32-годишната Бојана.
Станува свесна дека ѝ е сѐ потешко да се одлучи да има дете. Станот го нема, автомобилот го има, платата е солидна. Но, сега многу работи се променети во нејзиниот живот.
– Додека чекавме со моето момче да заработиме и да купиме стан за да не живееме со неговите родители, времето ни летна. Почнавме да се гушиме еден со друг. А, не признававме. Тоа го признавме кога ставивме крај на десетгодишната врска. Денес сум во нова врска, но брак некако не ми влегува в глава. Живот заедно – тоа е мојот избор – додава Бојана.
Според 33-годишната скопјанка Катерина М., има неколку типа немажени Македонки. Едни веруваат дека ако доволно чекаат, ќе го доживеат „Сексот и градот“. И не само „Сексот и градот“ туку половина од романтичните комедии на Холивуд.
– Тие само чекаат, живуркаат и секоја втора се пијани во „Џубокс“, исклучително во женско друштво зашто ниту сексот ниту градот не се случува во реалноста. Има категорија незадоволни од сѐ и од секого. Тие не можат да го најдат вистинскиот, а вистински – не ни знаат што бараат. Премногу си се и на самите себе. Тие што се плашат од брак, се мојата трета категорија немажени Македонки. Некои од нив се изгореле во љубовта, но ним не им е проблем бракот, туку влегувањето во врска генерално, па затоа не се соодветни. А, на другите некој им кажал дека бракот е затвор, а тие поверувале во тоа. А, во затвор никој нормален не скокнува доброволно, па и да ги разбере човек. Тие имаат проблем со наивноста. Како што не е сѐ розово, исто така не е сѐ ни црно. Затвор може да биде и ливада ако самите си ја направат да им биде тоа. Не смее да се губи време, работите се поставуваат уште во првиот час од врската. За секој случај. Потоа бракот е само авантура за која гарантираат господ и државата. И последните се тие што го живеат „Сексот и градот“ буквално. Имаат непресушен извор на финансирање, богат татко или богат чичко, млади се и згодни и со отворен ум. Во основа без ум. Не размислуваат ниту за постапките ниту за последиците, а парите што ги имаат им гарантираат дека нема да умрат со мизерна пензија и мачка, туку дека крај себе ќе имаат дете од непознат јунак, донатор или посвоено – вели Катерина.
Модернизација на општеството
Социолозите се едногласни – модернизацијата на општеството е причината поради која бројот на бракови опаѓа, како и бројот на новороденчиња. Според Илија Ацевски од државниот Институт за социологија во Скопје, модернизацијата донесе нешто што се вика школување на женското дете поради што девојките доцна влегуваат во брак и не е можно да имаат три деца. Едно до две максимум.
– Сега девојката завршува со студии до 23-24 години, најголем дел продолжуваат со образование и натаму, до 26-27 години. Тука почнува вториот дел од проблемот. Статистиката вели дека 60 проценти од нив по завршувањето на образованието се без работа. Следува период на барање работа, да се приближат до практичното живеење. Стигнуваат до 30 години, кога, и да сакаат, е тешко да имаат повеќе од едно до две деца – вели професорот Ацевски.
Тој коментира дека младите ги притиска времето додека создаваат услови за нормален живот.
– Детето е трошок. Не е ова село, па пушти го детето само да се чува. Порано тоа било практика. Но, бројот на жители во селата се намалува. Луѓето мигрираат во град. Детето во урбана средина е трошок. Треба да си над него постојано – од елементарна грижа до финансиска грижа. Тоа ги притиска младите доцна да влегуваат во брак и доцна да се одлучат да имаат деца. На 32-33 години го добиваат првото дете – коментира социологот Ацевски.
Дека модернизацијата на општеството влијае врз природниот прираст се согласува и градоначалникот на општина Лозово, Орце Цветковски. Општината неодамна донесе одука да им дава помош од 20.000 денари, вино и ракија на старите ергени што ќе стапат во брак. Ваква субвенција даваат и други општини – Свети Николе, Дебарца…
– Од одлуката за давање субвенции немаме некакви резултати. Само тројца го искористија правото на субвенција. 20.000 денари не е доволна мотивација. Помладите се венчаат. Но, постарите не. Проблем е што во општината немаме жени. Жените бегаат во градовите. Одат на работа во Велес, Штип, Свети Николе и гледаат таму да се омажат и да останат. Никоја не сака да остане во село и да се занимава со земјоделство – вели градоначалникот на Лозово.
Професорот Ацевски гледа уште еден проблем поради кој се намалува бројот на новороденчиња од македонска националност. Според него, во 80-тите години на минатиот век имало одлични статистичари кои ја предвиделе оваа модернизација на општеството, но не го предвиделе иселувањето од земјата.
– Имаме нов бран на бегање на младите надвор од земјата. Ако во Македонија работат за 200 евра, во Германија за истата работа ќе земаат 3.000-4.000 евра. Ние сме дестинација со евтина работна сила, а тоа на младите не им се допаѓа – коментира нашиот соговорник, кој смета дека Владата треба да вложи напори да ги ангажира студентите за тие да се осамостојат порано и да не бидат зависни од родителите.
Процесот кај Албанците доцни
Од друга страна, пак, Албанците сѐ почесто се решаваат да влезат во брак. Во 2012 година биле склучени 6.879 брака меѓу Македонци, наспроти 4.597 брака меѓу Албанци. Мора да се земе предвид дека Албанците се 20 проценти од вкупниот број население во земјава. Но, кај Албанците бројот на невработени жени е далеку поголем. Бројот на членови во едно семејство е голем. Во ист дом живеат родителите со двајцата синови кои имаат сопруги и по три деца. Кај Македонците, особено во урбаните средини, бројот на членови од семејството што живеат под исти покрив е далеку помал. Тука, секако, треба да се земат предвид и договорените бракови кои сѐ уште се присутни кај населението од албанска националност. Социологот Ацевски тоа го објаснува со задоцнетата модернизација во албанските семејства.
– Кај Албанците тој процес на модернизација доаѓа подоцна. Албанките до неодамна не беа вклучени во високото образование. Тоа беше реткост. Сега почнаа да се образуваат. Тие главно живееја во рурални средини и ја чуваа традицијата. Со тој процес доцнат околу 20 години, што не е за потценување. Кај нив бројот на склучени бракови и новороденчиња допрва ќе опаѓа – вели Ацевски.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 95. број на неделникот „Република“, 27.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.