| четврток, 6 декември 2018 |

Богатите земји пријавуваат намалување наталитет, сиромашните пак имаат бејби-бум

Светскиот наталитет е намален за половина од 1950 година, и постојат големи разлики според животниот стандард во одделни земји, се наведува во студија на Институтот за методологија и здравствена проценка во Вашингтон.

Во истражувањето објавено во медицинското списание „Лансит”, се истакнува дека вкупниот број на деца, кои и се паѓаат на една жена во светот е намален од 4,7 во 1950 година до 2,4 во моментов.

Деведесет и една земја, главно во Европа и на американскиот континент, немаат доволно новороденчиња, за да го задржат сегашниот број на население.

Ситуацијата во Африка и Азија е различна – раѓањата таму се зголемуваат, според истражувањето на Институтот, финансирано од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.

Кипар е најмалку „плодна” нација на земјата, со во просек едно раѓање по жена, според податоците на Институтот. Спротивно е со жените во Мали, Чад и Авганистан, кои просечно раѓаат шест бебиња или седум во Нигерија.

Покрај, социо-економските фактори, кои ја објаснуваат оваа нееднаквост, образованието игра особено важна улога, велат авторите на студијата.

Обично зголемувањето на населението во земјите во развој е придружено со подобрување на животниот стандард, освен ако не се погодени од војни или други катастрофи, посочува Али Мокдад од Институтот за методологија и здравствена оценка.

-Колку повеќе се подобрува економијата на овие земји, толку е поверојатно да се намали нивниот наталитет, прецизира Мокдад.

Продолжувањето на човечкиот живот е зголемено од 1950 година од 48 на 71 години во просек за мажите и од 53 до 76 години во просек за жените во светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top