Една од точките во документот претставен на опозициската конвенција предвидува по промена на актуелната власт на предвремени парламентарни избори, преку политички и законски механизми резултатите од 24 март повторно да бидат отворени со можност и за поништување.
Професорите што ја познаваат правната и уставната проблематика се децидни дека не може опозицијата, власта или, пак, одредена партија да поништи претходно спроведени легитимни избори.
– Нелегитимноста на изборите се гледа во процентот на одѕивот. Ако се огласат доволен број граѓани, не може да се бара ревизија или поништување на веќе спроведени легитимни избори – појаснува професор Ивица Јосифовиќ од ФОН.
Изборниот законик, велат професорите, не предвидува таква одредба. Во краен случај, ќе мора да се чепне во Уставот или, пак, да реагира Управниот суд, но засега и за професорите е непознато како од правен аспект опозицијата предводена од СДСМ би извела таков чекор.
– Нашиот Изборен законик ваков каков што е во моментов не предвидува таква можност. Најверојатно, ако опозицијата остане на тоа што се заложила во Декларацијата, ќе се бараат други средства преку Државната изборна комисија или, пак, преку Управниот суд – вели универзитетскиот професор Осман Kадриу.
Петтата точка што завчера беше презентирана во Kуманово е многу спорна и нејасна за познавачите на правниот систем. Професорите сметаат дека изборните резултати не смеат да бидат предмет на повторно отворање на маса доколку граѓаните на локалните избори во доволен излезат да гласаат. Во краен случај, партијата што најави бојкот на 24 март, според правниците, нема правен ниту, пак, морален кредибилитет подоцна да поништува.
– Ако секоја следна власт поништува легитимни избори што веќе поминале, тогаш се прави невиден преседан во системот – вели Јосифовиќ.
Професорката Рената Десковска, пак, спротивно на своите колеги кусо одговори дека според правната рамка има простор да се спроведе тоа што е запишано во Декларацијата, но не објасни кој е патот по кој законски треба да се оди.
Либералната партија е единствениот субјект од опозицијата кој не ја потпиша Декларацијата пред да биде презентирана во Kуманово. Претседателот на Либералната партија кусо одговори дека засега преку партиските органи документот не бил разгледуван.
– Но, ќе го разгледаме на редовна седница на извршниот одбор – вели Величковски.
Претходно, кратко по конвенцијата, Величковски за „Дневник“ изјави дека многу доцна ја добиле Декларацијата и оти немале време за внатрепартиски консултации. Партискиот почесен претседател, пак, Стојан Андов пред неколку дена побара оставка од Бранко Црвенковски, нагласувајќи дека ја води опозицијата во ќор-сокак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.