| четврток, 6 декември 2018 |

Владиниот тим продолжува со презентацијата во Јапонија

biznis forum-4Продолжува официјалната посета на македонската владина делегација на Јапонија. Премиерот Никола Груевски во Токио ќе се сретне со јапонскиот премиер Шинзо Абе, а ќе одржи и бизнис форум каде пред јапонски бизнисмени ќе бидат презентирани условите за инвестирање во Македонија.

Шефот на Владата вчера на средбата со претседателот на бордот на директори на Јапан Реилвеј Ист (ЈРИ) компани Тацео Тамута договори соработка во областа на здравството и железничкиот сообраќај. Во здравството договорено е македонски доктори и медицински персонал да престојуваат и да бидат обучувани во рамките на ЈРИ болницата, а лекари од ЈРИ болницата да престојуваат во Македонија и да пренесуваат знаења на своите македонски колеги за примена на напредни медицински методи.

biznis forum-6Во сферата на железничкиот сообраќај е истакната можноста за јапонска помош во развој на железничкиот сообраќај во Македонија, со акцентирање на можноста за едукација на лица од нашите железнички претпријатија или институции, или пак ученици и студенти од областа на железничкиот сообраќај, во школата за железнички сообраќај на ЈРИ, која е најреномирана ваква школа во Јапонија.

На средбата со влијателни членови на јапонскиот Парламент кои ги предводеше Такао Макино, заменик министер за надворешни работи на Царството Јапонија, беше истакнато дека Јапонија ќе го зголеми бројот на јапонски стипендии за македонските студенти за студирање на постдипломски студии на јапонските државни и приватни универзитети.

Sredba so Hideaki Domichi-2На средбата со делегација на Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЈИЦА) предводена од нејзиниот потпретседател Хидеаки Домичи, агенција која е најголем донатор на проекти во Република Македонија, беа договорени низа проекти меѓу кои и довршување на колекторскиот систем на Охридското Езеро.

Официјалната посета на македонската владина делегација на Царството Јапонија започна со средбата на премиерот Никола Груевски со јапонскиот принц Нарухито, при што позитивно беа оценети односите меѓу двете земји.

Посетата на Јапонија е дел од неколкудневната презентација на поволностите за инвестирање во Македонија во повеќе држави од азискиот континент. По Царството Јапонија, владиниот тим ќе ги посети Република Кореја и Народна Република Кина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top