Косовскиот тим Хајвалиа му прати понуда на уругвајскиот фудбалер Луис Суарез да настапува за нив додека не му истече четиримесечната суспензија изречена од ФИФА.
Уругвајскиот напаѓач до ноември нема да може да игра ниту за Ливерпул, ниту за било кој друг клуб од првенство, односно земја која е членка на ФИФА, поради гризнувањето на Џорџо Кјелини на мечот помеѓу Уругвај и Италија.
Според последните информации, Барселона се обидува да дојде до потписот на овој одличен напаѓач, а во меѓувреме се надеваат дека неговата казна ќе биде намалена, со оглед на тоа дека Ливерпул, но и Фудбалскиот сојуз на Уругвај најавија жалби.
Но, каталонскиот тим доби конкуренција во трката за услугите на Суарез. Имено, косовската екипа Хајвалиа му понуди на Уругваецот да игра во првенството на Косово додека му истече суспензијата и тоа за месечна плата од 1.200 фунти.
Косово се уште не е полноправна членка на ФИФА, па поради тоа казната на Луис Суарез не важи за ова првенство.
– Суарез може да игра тука во наредните четири месеци, изјавил Џавид Пацоли, клупскиот директор на Хајвалиа за косовските медиуми, а пренесува британскиот „Телеграф“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.