СДСМ, треба да го корегира својот став со цел да остави простор за некакво решение, вака политичкиот аналитичар, Владимир Божиновски, во интервју за „Прес24“, ја коментира евентуалната иднина на разговорите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои минатата недела беа прекинати веднаш по првата средба, Груевски- Заев, поради ултимативните барања на СДСМ за формирање техничка Влада. Божиновски смета декат таквиот начин не е искрен пристап за разговори и дека нема да донесе никаков резултат.
–СДСМ е соочена со континуирани изборни порази во изминатава деценија и постојано наместо да ги бара причините за тоа внатре во партијата, што би отворило пат за една темелна и суштинска идеолошка, програмска и кадровска реформа, тие секогаш причините за поразот ги бараат кај некој друг. Обидите за освојување на власта преку разни бојкоти, протести и непризнавање на изборни резултати на легални и легитимни избори не можат да вродат со плод и крајно време е СДСМ да почне да ја бара вината за изборните порази внатре во самата партија. Само со отпочнување на процес на реформи и реструктуирање во партијата кој најчесто е и долготраен и тежок, може евентуално да се надева на победа на некои следни избори – вели Божиновски.
Тој смета дека една од причините што СДСМ на последните анкети бележи пад е токму политиката на партијата.
– Стари кадри или нови кадри, но со стари сфаќања не можат да понудат нова визија која би создала една современа и издржана политичка платформа врз која ќе се креираат политиките и решенијата кои ќе им бидат понудени на избирачите – потенцира Божиновски.
За него нема опасност доколку и на подолг рок, СДСМ остане надвор од Парламентот, доколку владеачката ВМРО-ДПМНЕ, продолжи со практикување на досегашниот принцип на политичко дејствување.
– Со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ функционира на начин со кој успехот и исполнувањето на сопствените актуелни политики го мери преку споредба со своите ветувања како и со резултатите од своите претходни политики (програмите и отчетите на партијата), но и преку степенот на поддршка од страна на граѓаните за одредени решенија во различни сектори во кои се спроведуваат одредени јавни политики, останувањето на СДСМ надвор од парламентот на подолг рок нема да има сериозно негативно влијание врз функционалноста на власта и државата. Сепак, за секоја демократска држава е најдобро доколку во парламентот постои и конструктивна опозиција бидејќи основната функција на секоја опозиција е да биде коректив на власта со што нема да ја изневери довербата на гласачите кои и дале поддршка и гласале за таа опција, во случајот СДСМ – вели политичкиот аналитичар.
Целото интервју на Прес24.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.