
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, повторно најави влада во сенка. Од партијата најавија и парламент во сенка, секако ако останат пратеници што би го замениле вистинскиот парламент со тој на сонце. Но, во сенка се и можните решенија за министрите од самата партија. Главно, како и досега, да не им се нарушеле првите сто дена на Владата. А, во сенка, да не се предизвикаат дополнителни раздори во атомизираната партија.
Не треба да се навлегува, доволно е само во некој од пребарувачите на интернет да напишете „СДСМ, влада во сенка“. Пред вас ќе се појави листа долга неколку страници за тоа колку пати е пишувано за таква најава.
„Република“ направи краток избор од ставови искажани по тие најави. Од новинари, правници, политиколози, сегашни и поранешни членови на СДСМ, но и од условите во кои се дадени тие најави, како и последиците од нив.
Секако, „Република“ нема да се воздржи ни од прогнозирање на составот на сдсмовата владина репрезентација во сенка.
Колку е дебела сенката на владата на Заев?
Всушност, сите случувања што го следат функционирањето на СДСМ под раководство на Зоран Заев може да се опишат со два збора – хаос и неслога. Откако двоецот Заев- Шекеринска го преживеа конгресот и со доза скепса беше реизбран на чело на партијата, сега се најавува (по кој знае кој пат) проект кој дополнително ќе внесе раздор меѓу суетите на поранешна Бихаќка.
Идејата, наводно, треба да покаже енергија на раководството и движење на работите, како и дека во партијата се сплотени и единствени или, да го употребам описот на поранешниот пратеник Андреј Петров, цврсти како бетон. Дека пратениците не бегаат од сопартијците за да ги повлечат оставките; дека нема внатрешен притисок врз Заев да се откаже, заедно со другите, од повластените, државни позиции; дека се бара нова идеја, а не копирање проекти кои неколку пати докажано паѓале пред граѓаните.
И да се сокрие дека сѐ уште се праќаат пораки преку социјалните мрежи за тоа дека е потребно преиспитување на тоа кој одлучил токму тие луѓе да се на списокот за пратеници; или кој бил со вакво или такво минато, со низок рејтинг и интегритет и меѓу сопартијците, а не, пак, меѓу граѓаните; но и дека странците повторно им го вртат грбот на Заев и на Шекеринска по нивните „самоубиствени“ обиди да докажат „диктатура во Македонија“.
Досега рецептот по избори фино поминуваше. Најави влада во сенка и дај рок од 100 дена за власта да се снајде каде е. Тамам и лето е, народот ќе замине на одмор, ќе подзаборави на тие сто дена. И да, одвреме-навреме посочи дека има услови за власта.
Истото тоа е кажано и анализирано оваа деценија барем 50 пати. Архивите на информативните агенции во Македонија, достапни на Интернет, се полни со најави од СДСМ за влади во сенка, но и за анализи зошто се чека на нив.
Така, Владо Бучковски во 2011 година за весникот „Дневник“ има посветено неколку текста во кои се споменува таа „пуста“ сенка.
– Се чини дека сега беше вистинското време за промоција на владата во сенка на СДСМ. За мене се неприфатливи брифинзите со кои се бара оправдување зошто, и покрај најавите, ја нема владата во сенка. Демек, ќе ги „избербател“ ВМРО-ДПМНЕ министрите во сенка. Тоа не е добра причина за да се одлага до недоглед промоцијата на алтернативата на актуелната власт. Вака и СДСМ игра криенка, а таа е игра за мали деца, нели?, пишува Бучковски во текстот „Чекајќи ја владата во сенка“ објавен во „Дневник“ на 25.11.2011 година.
Наместо секој викенд да се промовира нов совет, потребна е промоција на владата во сенка, министрите се веќе тука – Митрева, Пендаровски, Еленов, Алаѓозовски, Узунов, Цаца-Николовска… Се чека ли уште премиерот на владата во сенка?, се надоврзува Бучковски неколку недели подоцна во текстот „Pacta sunt servanda“ (Ветувањата мора да се одржат) повторно објавен во „Дневник“ на 9.12.2011 година.
Ова би бил составот на Владата во сенка на СДСМ во која се вклучени и членови на сестринските партии во опозицијата, според проценките на Република. Секако, постојат места за кои би се биеле копјата.
Премиер:
Зоран Заев;Генерален секретар на Влада: Петре Шилегов; Сафет Бишевац
Вицепремиер за евроинтеграции: Лидија Димова, Маринела Тушева, Гордан Георгиев;
Вицепремиер за економски прашања: Ристо Пенов
Министер за надворешни работи: Радмила Шекеринска, Владимир Милчин, Стево Пендаровски;
Министер за внатрешни работи: Миле Зечевиќ, Фросина Ременски, Мирјана Најчевска;
Министер за финансии: Ванчо Узунов
Министер за правда: Рената Десковска, Ана Павлова Данева;
Министер за економија: Кире Наумов;
Министер за транспорт и врски: Јани Макрадули, Дамјан Манчевски;
Министер за здравство: Златко Пановски, Никола Пановски;
Министер за животна средина: Зоран Шапуриќ
Министер за култура: Благоја Стефановски, Ѓунер Исмаил (заменик Сафет Бишевац)
Министер за одбрана: Горан Мисовски, Стево Пендаровски
Министер за змјоделство: Ленче Николовска, Виктор Божиновски
Министер за информатичко општество и администрација: Борче Давитковски
Министер за исполнување на рамковен договор: Едмонд Адеми
Министер за локална самоуправа: Ацо Петрески, Зоран Дамјановски- Циц
Министер за образование: Петар Арсовски
Министер за труд и социјална политика: Митко Јованов, Соња Мираковска
Во листата која е направен во консултација со повеќемина ленови, симпатизери и аналитичари, се спомнуваат и други имиња, но овие беа најчести. Не може да се изостави дека постоело и пристрасност и „навивање“. Изненади што покрај местата за Влада во сенка беа споменувани и некои директорски, но и важни места во општеството „во сенка“. Така, како прв човек на ДБК во сенка се гледаат Есад Рахиќ, но и Миле Зечевиќ; на Агенција за телекомуникации: Јани Макрадули или Дамјан Манчевски; УЈП: Петар Гошев, Зоран Јовановски; Царина: Ило Илоски; Преговарач за името во сенка Љубомир Данаилов Фрчкоски; додека за прв човек на МРТ се посочува Сашо Ордановски
Пред оваа најава за такво тело, влада во сенка беше едно од главните ветувања на Кире Наумов кога се кандидираше за прв човек на партијата. Сега, пак, неговиот шеф, Зоран Заев, смета дека влада во сенка ќе се појави кога тоа ќе биде потребно – една година пред изборите или во моментот кога ќе знаеме дека ќе се распишат избори.
Влада во сенка најавуваше и вечниот лидер Бранко Црвенковски. Еден од приоритетите во најавите за „жешка есен“ од август 2009 година му беше влада во сенка и нова програма, како дел од внатрешната консолидација и дека ќе почне со вистинската опозициска борба.
– Сериозно размислуваме да формираме влада во сенка. Тоа е добра идеја и ако се реализира, ќе биде првпат да имаме таков тип опозициско дејствување – порача тогаш Црвенковски.
Никола Поповски, еден од видните поранешни членови и министри од редовите на СДСМ, во својата колумна „Голи во седло“ од април 2010 напиша: „Се промовира некаков вид на идно владино водство кон реформи и излез од сегашната слепа уличка ’под надзор‘“. Очигледно, СДСМ одбрал интересен момент, начин и личност за да соопшти важни работи. Ако ништо друго, барем е јасно дека партијата е во потрага по можен премиер, додава Поповски.
Минатото лето најголемата опозициска партија објави нереално ветување дека ќе формира влада во сенка. Тоа до денес не е направено. Веројатно нема ни да се направи бидејќи за тоа треба сосема поинакво ниво на организација на една партија, друго ниво на внатрешна демократија и уредување на односите и сосема поинакви принципи на раководење со внатрешните политички процеси (Дневник, 07.04.2010).
За тоа дека ништо не е променето во опозицијата последните осум години покажува и колумната на професорот Димитар Мирчев од 2006 година.
– Во политичката наука најчесто се смета дека за функционална демократија има два претежни услова: фер и демократски избори на владата и силна и одговорна опозиција. Точно во половината на 19 век британскиот премиер Дизраели се жалеше дека проблем му било што нема сериозна и остра опозиција: без таква опозиција, вели Дизраели, нема долгорочно безбедна и ефикасна влада – напиша Димитар Мирчев во својата колумна за „Дневник“.
Макар што опозицијата, колку и владата, ни е стара, односно нова само два месеца, веќе е јасно дека основниот проблем на демократијата во Македонија во наредниот период ќе бидат отсуството и недостигот од вистинска, односно одговорна, конструктивна, единствена опозиција. Веќе како да станува јасно дека ќе имаме опозиција на нејзиното величество. Слаба, неединствена, збркана, без идеја и концепција, без наметнување во јавноста и парламентот, без улога во демократскиот процес. (Димитар Мирчев, Дневник, 22.09.2006)
Составот на министрите во дебела ладовина
Лани, пак, наместо министерства во сенка, најавени и во 2012 година, експертите што ги ангажираше партијата завршија во стручни тематски поделени совети. Главен на советите беше Мирослав Грчев. Токму од нив произлезе и сегашната потпретседателка Фросина Ременски. Се вметнаа нови имиња од невладиниот сектор, но и стари искусни волци и лисици. Игор Милев, Ангел Солев, Дејан Павлевски, но и Илинка Митрева, Стево Пендаровски, Лидија Димова, Мила Царовска, Маргарита Цаца-Николовска. Секако, и Сафет Бишевац од Санџаклиската лига и Ленче Николовска.
Можеби токму тие имиња би фигурирале во кабинетот во сенка. Но, не треба да се заборави дека во таквите калкулации не би требало да не се смета и на имиња од коалициските „браќа во борбата“ – НСДП и ЛДП.
НСДП и Тито Петковски имаат искуство со формирање ваква структура. Во 2010 година Петковски се прогласи за премиер, Соња Мираковска за министер за внатрешни работи, Горан Мисовски за министер за одбрана, Предраг Трпевски за министер за финансии. Мотото на владата во сенка е „Иднината има предност“, а нејзина задача беше да нуди одговори и алтернативи на владината политика.
– Владата во сенка на НСДП не ја исклучува можноста во иднина да разговара со другите опозициски партии за заедничка влада во сенка – изјави тогаш Петковски.
Иако го промовираа составот, немаше ниту еден настап вон сенка. Дали сега Заев размислува и на нивните капацитети, останува да видиме. Да не поминат само уште осум години.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 94. број на неделникот „Република“, 20.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


