| четврток, 6 декември 2018 |

Свечено отворање на новиот објект на велешкиот театар

tetar-veles

Денеска напладне свечено ќе биде примопредадена новата зграда на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.

Објектот е изграден на 4.200 квадратни метри и располага со голема сала со капацитет од 370 посетители и мала сцена со можност да прими од 50 до 110 посетители. Основниот сценски простор од големата сцена е од модуларен тип со три оркестарски и осум сценски платформи кои овозможуваат лесна, брза, безбедна трансформација и конфигурација на основниот сценски простор.

Објектот располага со опрема и уреди, аудио и видеосистеми од врвни светски производители, со можност за презентација на театарски дела со ефект и квалитет како во најсовремените театри во Европа и светот, со што ќе биде овозможено во Велес да гостуваат сценски дела од која било светска продукција.

– Новиот театар во Велес значи продолжување на успешната театарска традиција на овој град и подигнување на стандардите на театарската дејност, но овојпат во еден репрезентативен театарски објект со простор кој ги задоволува светските стандарди, но и сценски простори со современи технолошки системи во кои ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметнички дејности со високи технички перформанси – соопшти Министерството за култура.

Во тек е и конкурс за избор на драмски текст кој до крајот на годинава  премиерно ќе биде изведен на сцената на новиот велешки театар. Авторите може да пријавуваат свои драмски текстови напишани на македонски јазик, досега необјавени и неизведени. Конкурсот ќе трае до 20 август, а резултатите ќе бидат објавени на 5 септември.

– Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ заокружува период од 66 години театарска дејност во Велес, чии први нишки беа повлечени уште во 1874 година, кога била одиграна првата театарска претстава со која  актерите, локалните учители и ентузијасти го промовирале Велес како културен центар – информира Министерството за култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top