| четврток, 6 декември 2018 |

Парчиња од домашни и од странски дизајнери на едно место

лотус

Седумнаесет домашни и странски дизајнерски имиња ќе почнат продажба на своите парчиња во новата концептуална продавница „Лотус дизајн“, која ќе биде отворена в среда, на 25 јуни во 20 часот, на вториот кат во „Скопје сити мол“.
Попап-катчето „Лотус генерација“ прераснува во најголема концептуална продавница кај нас која ќе ги собере на едно место производите на дизајнерите Росица Мршиќ, Ирина Тошева, Стефанија Насеска, Јована Филиповиќ, Оливера Штакоска, Елена Спасовска, Vibrazioni by Aleksandra Mitkovska, како и марките „Лотус“, Завар дизајн, Фејдом, Творница, Лудус, Le brand, Kapka jewerly, Daemonium, познатата француска марка за ракавици Thomasine и српската MOO SHEMA.
– Продавницата „Лотус дизајн“ е необична галерија на индустрија, мода, накит и уметност, врска меѓу сегашноста и иднината, меѓу реалноста и магијата. Нашата мисија е да го воведете дизајнот во вашиот живот и да стане ваш стил – објаснува дизајнерката Анита Гај, сопственичка на продавницата.
Експанзијата на талентирани домашни дизајнери ја наметна потребата да се обединат на едно место и со тоа нивните парчиња да им бидат подостапни на купувачите. Продавницата е наменета за заедничка промоција и продажба, пред сѐ, на македонски дизајнирани производи како облека, модни додатоци, обувки, мебел, светилки, декоративни елементи, но и скулптури, фотографии и книги. Ќе функционира и како арт простор во кој ќе бидат организирани различни активности.
На отворањето ќе бидат изложени фотографиите на нашиот најпознат режисер Милчо Манчевски од серијата насловена „Пет капки сон“, кои воедно ќе бидат на продажба како најава за голем број идни изложби кои ќе бидат организирани во просторот.

Покрај фотографиите, на продажба ќе бидат и книгите на Манчевски. Отворањето ќе го испрати моден перформанс на манекенките од модната агенција „Подиум“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top