Единаесет македонски и странски државјанки од кои една малолетна девојка од Скопје биле затекнати и приведени од полицијата при акциска контрола во угостителските објекти „Ловец“ и „Ориентал АС“ во тетовското село Жеровјане.
Контролата била спроведена изминатата ноќ од еден до четири часот, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски. 6-те македонски државјанки меѓу кои била и малолетничката од Скопје биле затекнати во угостителскиот објект„Ловец“, сопственост на Ш.А. (42) од Мала Речица.
– Малолетничката од Скопје која била пријавена како исчезнато лице денеска претпладне им била предадена на нејзините родители, рече Јосифовски.
Петте странски државјанки биле откриени при контролата на угостителскиот објект „Ориентал АС“, сопственост на Х.А. (25) од Боговиње. Од нив три биле од Бугарија, а две од Србија, сите на возраст од 21 до 26 години, а биле ангажирани како танчарки.
-Тие биле приведени во Полицискта станица -Тетово, а потоа биле предадени на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за натамошна постапка, во рамките на која ќе се утврдуваат сите поединости околу нивниот престој и работа на подрачјето, изјави Јосифовски.
Според Јосифовски оваа акциска контрола е планирана активност на СВР Тетово за откривање на странски државјани кои непријавено престојуваат и работат на подрачјето и за евентуална нивна вклученост во трговија со луѓе или во други криминални дела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.