Покрај наездата на скакулци, проблем во штипско е и напливот на егзотични птици од Африка, вели Градоначалникот на Штип Илчо Захариев. Тој вчера заедно со неговиот колега од Пробиштип, Тони Тоневски, одржаа прес конференција за активностите што источниот регион ќе ги преземе во поглед на наездата од скакулци.
Градоначалникот Захариев, како што пренесува порталот 1.мк, изјави дека не се проблем само скакулците туку и напливот на егозтични птици кои се појавиле во неколку села во штипско:Скакулците се очекувана појава и тие се прилично големи, барем според она што го имаме како сознание, но како поранешен директор на бирото за лекови, кој знае дека за прскање против вакви штетници се потребни посебни хемикалии, а тие се во надлежност на бирото, можам да кажам дека ова е надлежност на агенциите под државата. Промената на временските прилики, носи промена и на флората и фауната. Освен скакулците, лично сум сведок на појава на егзотични птици, кои по потекло се од Африка, а кои ги има во атарот на селата Долно Трогерци, Горачино, Почивало. Тоа е нешто невидено до сега. Јас таму пред некој ден бев да видам како оди со реконструкција на селската чешма и се изненадив кога видов птици кои до пред некоја година ги немаше тука. Птици со жолти, зелени или сини крила…ако лани беа помалку, сега ги има стотина, илјадници, можат да се видат на гранки, на секој камен. Чудна појава во овој дел на штипско”, вели Захариев.
И кога е во прашање наездата од скакулци, двајцата градоначалници напоменаа дека и стојат на располагање на државата, бидејќи тоа прашање е дирекно под надлежност на централната власт, а тие освен логистика не можат да понудат друго.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.