Вимблдон има посебни правила на одредување на носителите на легендарниот гранслем-турнир во Лондон, а и овојпат ќе има промени. Најдрастична е смената на врвот, а битката за прв носител ја доби Новак Ѓоковиќ иако е второрангиран светски тенисер зад Рафаел Надал. Шпанецот има послаби резултати на трева, подлога на која стандардно се игра Вимблдон и тој ќе биде втор носител, иако во моментов е најдоброрангиран светски тенисер.
Привилегиран ќе биде и Енди Мареј, ланскиот шампион од Шкотска, кој е поставен како трет фаворит на турнирот, на сметка на Станислас Вавринка. Мареј е петторангиран на светската листа, а Вавринка е на третата позиција, но на Вимблдон ќе ги заменат местата. Роџер Федерер останува четврти носител, а мал попуст доби и Јержи Јанович, кој скокна за две позиции во однос на ранкингот и ќе биде 22. носител.
Кај дамите немаше измени и прворангираните 10 на листата на ВТА ги имаат истите позиции и на листата со носителки на лондонскиот гранслем. Ги предводи шампионката Серена Вилијамс, а зад неа се наредени На, Халеп, Радванска, Шарапова, Квитова, Јанковиќ, Азаренка, Кербер и Цибулкова.
Турнирот ќе се игра од 23 јуни до 6 јули.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


