Младите и талентирани актери од Театар Комедија, Атанас Атанасовски и Кристина Ласовска речиси во секоја претстава можеме да ги видиме заедно на сцената. Покрај тоа, тие завршиле во иста класа, а со тоа може да се заклучи дека заедно созреале како професионално така и приватно. Нивното партнерство кулминира во претставата на Ирена Стеријовска „Вејка на ветрот“. Како што велат двајцата, лесно е да работиш со човек што го познаваш бидејќи на сцена партнерот е нешто свето, нешто со кое заедно креираш, од кое црпиш и на кое се препушташ.
Дали Театар Комедија станува едно многу пријатна и среќна зараза?
Атанас: Според публиката, веројатно станува збор за некаква зараза, тоа е позитивна работа, многу луѓе излегуваат насмеани од театарот и се радувам за тоа. Добро е да бидеш заразен со театар, се надевам дека брзо ќе се шири заразата и ќе има епидемија од театар. Колку повеќе инфицирани толку подобро.
Кристина: За мене лично Театар Комедија е повеќе од тоа, тоа е мојот втор дом. А што се однесува до публиката, одговорот на ова прашање, претпоставувам, се полните сали.
Добрите вести брзо се шират. Ако е добра претставата, тоа ќе се расчуе и луѓето ќе дојдат и да ја видат. Така беше со „Стјуардеси“ дали ќе биде така и со „Важно е да се викаш Ернест“?
Атанас: Точно е тоа дека за претставата „Стјуардеси“ се расчу многу брзо и многу луѓе дојдоа и ја погледнаа , играме уште неколку пати до крајот на сезонава и уште има голем интерес за неа. Претставата „ Важно е да се викаш Ернест“ имаше премиера на 7 мај, но поради некои технички причини не беше често на репертоарот. Но, сигурно дека кога ја игравме салата беше полна. До крајот на сезоната ја играме уште еднаш , но искрено се надевам дека од следната сезона посетеноста ќе биде голема за оваа претстава судејќи според реакциите на публиката што досега имаше шанса да ја види.
Кристина: На моја голема радост, сите претстави во Комедија се различни, во рамките на жанрот, се разбира, но различни во однос на естетиката, хуморот, екипата итн. Ернест, дефинитивно, е нашиот најнов хит. Од премиерата досега изигравме само една реприза, следната изведба ни е на 2 јуни, за сите што не ја гледале, повелете! Тоа е една апсурдна бајка за љубовта во еден измислен свет со сите правила што ги носи, а ние сме јунаците што ги кршат тие правила, се разбира, во името на љубовта. Животот на Ернест во Театар Комедија допрва почнува.

Живееме во време кога е потешко некого да насмееш, отколку да расплачеш, затоа и вашата одговорност е поголема. Ова е време на инстант-насмевки. Што е тоа што може вас да ве насмее?
Атанас: Идејата на нашиот театар е да ги насмее луѓето , многу често се случува да се заглавиме во секојдневието со некои дневни рутини , чудни обврски , непотребни нервози и на сите ни треба филтер, добро е што поголемиот број од скопјани својот филтер го препознаа во Театар Комедија и тука се рахабилитираат од 20 до 22 часот. Бидејќи поголемиот дел од денот сум во театарот, најчесто се смеам со моите колеги, кои секогаш се позитивни и духовити.
Кристина: Атанас и Тино (се смее). Нема поубаво нешто од тоа да го работиш тоа што го сакаш и притоа да уживаш во тоа. Веројатно и жанрот си повлекува, но нашата работа освен што е многу тешка, на дневна база мене ми предизвикува големо уживање, а со тоа си доаѓаат и насмевките во пакет. Јас имам помала сестра со неверојатна смисла за хумор, кога и да ѝ се јавам или кога и да ја видам таа е мојот херој за насмевки.
Дали тоа што сте вработени во Театар Комедија ве детерминира дека секогаш ќе се занимавате со овој жанр?
Атанас: Нашиот театар секогаш ќе работи само комедии , јас сум пресреќен тука и би сакал секогаш да го работам овој жанр и да се посветам максимално. Се радувам што добив шанса да бидам дел од Театар Комедија и да се изразувам на начин кој ми се допаѓа.
Кристина: Се разбира дека не. Нашата професија подразбира голема разновидност, големината на еден актер е во тоа да може да изигра сѐ (да се снајде во каков било жанр). Речиси секој член од нашиот ансамбл за овие две години има играно и во други жанрови, сѐ е во договор меѓу нас и нашата менаџерка. Јелена досега секогаш излегувала во пресрет на оваа тема и тоа е за пофалба.

Партнери сте во повеќе проекти на Театар Комедија. Се разбирате со поглед, си давате сугестии, разговарате за улогите?
Атанас: Со Кристина се познаваме уште од студентските денови, завршивме во иста класа кај професорите Владо Цветановски и Мими Таневска. Тоа значи четири години интензивно дружење, подготвување испити, нервирање околу исти работи. Заеднички растевме. Веднаш по дипломирањето двајцата нѐ вработија во ист театар, што значи дека повеќе од седум години сме во исти кругови. Сакам да кажам дека многу добро се познаваме. Во процес на работа одлично соработуваме. Лесно е да работиш со човек што го познаваш. Ние сме релативно мал ансамбл и сакам да кажам дека досега одлично функционираме сите. Работиме во повеќето проекти на нашиот матичен театар, но работевме и на една алтернативна претстава надвор од нашиот театар „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле , во режија на Ирена Стеријовска, каде што сме директни партнери и игравме нешто што не е комедија.
Кристина: Со оглед на тоа дека завршивме во иста класа можам да кажам дека созреваме заедно професионално, а и приватно. За време на студирањето не игравме многу заедно, така некако се погодуваше. Во Комедија речиси во секоја претстава сме партнери, некаде повеќе некаде помалку. Во „Вејка на ветрот” можам да кажам дека нашето партнерство кулминираше. Тоа е претстава на Ирена Стеријовска, во копродукција на Драмски театар и Театар Фабрика. Во таа претстава сфатив дека Атанас, сепак, е талентиран. Настрана шегата, тој е одличен партнер, а за мене лично на сцена партнерот е нешто свето, нешто со кое заедно креирам, од кое црпам и на кое се препуштам. Досега веќе и само со поглед се разбираме и се снаоѓаме во секаква ситуација, а приватно многу често се расправаме на проби и не го поднесувам, но на крајот од денот пак се препуштаме и до крај си веруваме на сцената.
Дали смеењето е заразно?
Атанас: Смеењето е заразно и корисно во секој случај затоа што со 15 минути смеење дневно согорувате 40 калории.
Кристина: Дојдете, па ќе провериме заедно.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Интервјуто со актерите Атанас Атанасовски и Кристина Ласовска е објавено во 92. број на неделникот Република, 6.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Култната „Викенд на мртовци“ премиерно на сцената на Ттеатар Комедија
-
По пауза од 25 години Коле Ангеловски повторно ја режира „Не сега, драга“, сега за шестиот роденден на Театар Комедија
-
Коле Ангеловски ја режира „Не сега, драга“ во Театар Комедија
-
Синиша Евтимов во Театар Комедија ја подготвува претставата „Жена ми се вика Борис“


