| четврток, 6 декември 2018 |

Почна проектот „Европа овде – Европа таму“

Проектот се занимава со колективното сеќавање и помирување преку аудиовизуелните уметности, во европски и во балкански контекст и ќе се одвива во духот на мислата на големиот француски писател Жак Лакариер (1925-2005) „Илјадници вчера, но само едно утре / Mille hiers mais un seul demain“.
Проектот ќе се реализира во две етапи, првата (оваа недела) во Македонија, а втората (во текот на ноември 2014 година) во Долна Нормандија. Покрај Универзитет за аудиовизуелни уметности, партнери во реализацијата на проектот се Кинотека на Македонија, Општина Охрид, Македонскиот центар за фотографија, Градот Каен, Куќа на слики од Долна Нормандија, Музеј на Нормандија и Здружението Каен Калвадос Румани.

Во 1914 година Балканот е наречен „гробница на европската младост“. Денес, 100 години подоцна, низ преплетувањето на искуствата, колективното сеќавање и помирувањето, кои биле основата на пример за француско-германското помирување, ќе бидат актуелизирани различни форми на креации, како патоказ на балканската реалност, која сè уште е во знакот на траумите од блиското минато и тензиите кои сеуште владеат во регионот.

Во периодот од 16 до 23 jуни 2014 година, 4 снимателифотографи, предводени од Гијом Деланд, престојуваат во Македонија. Нив како дел од заедничкиот тим ќе им се придружи и група од четири фотографи/сниматели од Македонија, предводени од професорот по фотографија на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, Роберт Јанкулоски. Заедно ќе ги посетат местата на меморијата на Првата светска војна (Скопје, Кајмакчалан, Битола, Охрид и Преспа), каде што ќе се фотографираат обележјата од Првата светска војна. Паралелно со ова ќе се одвиваат и истражувачки активности во архивите на градовите Битола, Охрид, како и во Кинотеката на Македонија и Македонскиот центар за фотографија.

По завршувањето на делот во Македонија, во координација помеѓу професорите Деланд и Јанкулоски, ќе се пристапи кон подготовката на организација на втората фаза во која Македонската екипа ќе престојува во Нормандија од 10 до 17 ноември 2014 година. Исто како во Македонија, и во Долна Нормандија, заедничкиот тим ќе ги следи и документира трагите од Првата светска војна.
Како резултат на сето ова ќе се реализира со која ќе се презентираат трудовите сработени во Македонија и во Нормандија.

Крајните резултати во вид на фотографска изложба ќе бидат презентирани пред поширока јавност најпрво во Кинотеката на Македонија, Куќа на слики од Долна Нормандија, Музеј на Нормандија. Покрај овa проектот ќе биде презентиран не само во другите градови во Македонија и во Нормандија, туку и во повеќе европски земји.
Со овој проект евоцирајќи ги спомените на ужасите од Првата светска војна, очекуваме да ги отвориме прашањата за бесмисленоста на војните и во исто време да и покажеме на јавноста дека младите луѓе во Европа, 100 години подоцна можат да комуницираат преку уметноста и своите размислувања, ставови, па дури и конфликти, преку уметноста можат да ги искажат на еден поинаков начин.
Република Македонија соработува со регионот Долна Нормандија од 2006 година. Институционален партнер во Македонија е Министерството за локална самоуправа. Програмата за соработка е поддржана од Министерството за надворешни работи на Франција. Координиран е од страна на Асоцијација на агенции за локална демократија (АЛДА) .

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top