Порастот на БДП од 3,9 отсто во првиот квартал е добар сигнал за македонскатa економија, сметаат стручњаците и бизнисмените. Сите се убедени дека порастот на БДП ќе повлече и поголемо кредитирање на стопанството. Последните статистички податоци покажуваат дека е забележан пораст речиси во сите сектори. Најголем двигател на економскиот пораст е градежништвото, со пораст од 13,7 отсто. Финансиското посредување учествува со 4,7 oотсто, трговијата на големо и мало со 3,3 отсто. Ако се анализира структурата на БДП според расходниот метод, бруто инвестициите од јануари до март се зголемиле за 26,5 отсто во споредба со истиот период од лани.
Стопанската комора на Македонија, со став дека ваквиот раст на БДП, охрабрува и создава почва за реализирање на планираниот годишен пораст.
– Реализираниот пораст на БДП во првото тримесечје на 2014 година е многу значаен и е за поздравување бидејќи е реализиран во услови на сè уште високи негативни импликации од поблиското и поширокото опкружување и сè уште не заздравени економски состојби кај нашите позначајни стопански партнери. Во структурата на пораст на БДП води градежништвото со 13, 7 отсто – велат од Стопанската комора на Македонија.
Според надлежните од оваа комора, остварениот пораст на БДП во првото тримесечје, е добра база за остварување на планираната динамика на пораст на БДП за 2014 година од 3, 2 отсто, според Владата и 3,7 отсто, според НБРМ.
Стручњаците сметаат дека растечкиот извоз покажува тенденција на замирање на кризниот период во македонската економија и податоците потврдуваат дека и нашите стопанственици се ослободиле од стегите на кризата и пронашле нови пазари, посебно за Западна Европа.
– На среден рок е можно да се постигнат и повисоки стапки на економски пораст, кои ќе влијаат на подобрување на животниот стандард на населението. Очекувам дека зголеменета економска активност ќе го поттикне и кредитирањето. Банките се уште перцепираат одредени ризици во економијата, па иако располагаат со средства, тешко му одобруваат кредити на стопанството, но за очекување е како што економијата ќе расте, така да забрзува и кредитирањето – нагласува професорот Марјан Петрески.
Градежниците, чијшто сектор бележи најголем пораст, сметаат дека изградбата на новите автопатишта, вложувањата во железницата и енергетиката даваат резултати. Тие очекуваат трендот да продолжи.
-Градежниот сектор ќе биде двигател на македонската економија, а со тоа и другите сектори, кои се поврзани со него, исто така ќе заживеат. Обемната програма на партијата којашто дојде на власт предвидува зголемување на капиталните инвестиции за над 20 проценти, па оттука сметаме дека и во наредните пет до десет години ќе имаме активности – вели Сеад Кочан, претседател на Комора за градежништво при ССК.
Со резултат за пораст на економијата во првиот квартал од 3,9 отсто, земјава има најголем раст на БДП во однос на сите земји од Европската унијa. Според податоците кои минатата недела ги објави ЕУРОСТАТ, најголем раст во ЕУ во првите три месеци од 2014 забележала Полска од 3,5 отсто, следи Унгарија со 3,2 отсто. Над три проценти раст има само уште Велика Британија и тоа 3,1 отсто.
Од регионот, во првиот квартал растот во Србија изнесува 0,4 отсто. Во Бугарија растот е 1,2 отсто, а во Грција има негативен раст од 1,1 отсто.
Градежништвото останува двигател на растот благодарение на инфраструктурните проекти на државата, односно изградбата на автопатиштата.
Поради овие државни инвестиции се намалува и невработеноста. Само на изградбата на патиштата се вклучени преку 1.000 работници. Тоа резултира со натамошен пад на невработеноста, за која Државниот завод за статистика објави дека е на најнискo ниво досега од 28,4 отсто.
Од почетокот на годинава во континуитет расте и индустриското производство, а растот на извозот во април достигна пораст од 15,1 отсто, споредено со истиот период лани.
Македонската економија во 2014 година според Народната банка ќе се зголеми за 3,7 отсто, според Владата, првично беше планиран пораст од 3,2 отсто, но е најавено дека границата на пораст ќе биде поместена до 3,5 отсто, што е идентично со проекцијата на ММФ, а според Светска банка порастот што би требало да го регистрира државава ќе достигне 3 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.