| четврток, 6 декември 2018 |

Големо НЕ од Бугарија за влез на Македонија во ЕУ

Не можеме да дадеме евросертификат на власта во Скопје, која систематски наметнува идеологија на омраза кон Бугарија. Во Република Македонија се забележува еднострано толкување на историјата во силно националистички дух, дискриминаторски однос кон граѓаните со бугарско чувство и има многу административни бариери за бугарскиот бизнис, обвинил Плевнелиев пред Филе

Бугарија ќе го блокира македонскиот евроинтегративен процес доколку Европската комисија не го притисне Скопје да поработи на добрососедските односи со Софија. По Атина, и нашиот источен сосед ги презентира на дело најавените “црвени линии” кон соседите. Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев ја искористил средбата со еврокомесарот за проширување и соседска политика Штефан Филе да ја обвини Македонија дека на свој начин ја интерпретира историјата и води антибугарска политика, јавуваат бугарските медиуми. Според некои од медиумите, пред високиот гостин од Брисел, Плевнелиев кажал едно големо НЕ за членството на Македонија во ЕУ, поради нејзината политика кон Бугарија. Рекол дека Унијата треба да ги земе предвид бугарско-македонските односи пред евентуалното членство на земјава во ЕУ.
– Не можеме да дадеме евросертификат на власта во Скопје, која систематски наметнува идеологија на омраза кон Бугарија. Властите во Македонија ќе ја отклучат перспективата за еврочленство, не преку пропаганда и маркетинг кампањи, туку преку вистински реформи и активности за добрососедство. Не ја негираме нивната европската перспектива, им помагаме и ги поддржуваме, но тие уште не се подготвени, изјавил Плевнелиев и додал дека стратешки е важно за долгорочната стабилност на Балканот, во Скопје да почнат да применуваат европски пристап кон соседите, без провокации, без претензии и без манипулации.

Плевнелиев тврдел пред Филе дека Македонија ги дискриминира граѓаните кои се декларираат како Бугари и дури ги попречува бугарските бизниси во земјава.
– Европската интеграција е гарант за безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот и таа нема друга алтернатива. Оваа поддршка не е безусловна, таа се базира на целокупното исполнување на критериумите за членство, а еден од најважните од нив е добри добрососедски односи. Во Република Македонија се забележува еднострано толкување на историјата во силно националистички дух, дискриминаторски однос кон граѓаните со бугарско чувство и има многу административни бариери за бугарскиот бизнис. Бугарија отсекогаш го поддржувала пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, изјавил Плевнелиев.

Бугарскиот претседател не се согласува ниту со извештајот на ЕК за Македонија. Остро го критикувал пред Филе, тврдејќи дека извештајот за напредокот на земјава не ја одразува улогата на Македонија во регионалната соработка и состојбата на билатералните односи меѓу Бугарија и Македонија.

Својот шеф на државата го поддржале и бугарските пратеници од комисиите за надворешна политика и за европски прашања. Сметаат дека македонската власт има да изоди долг пат за да ги исполни основните критериуми за добрососедство на ЕУ и доколку овој проблем не биде покренат, кога ќе стартуваат преговорите на Македонија со ЕУ, тие можат да се претворат во “темпирана бомба”, пренесува бугарската БТВ.
– Не може една земја силно да сака да стане членка на ЕУ и НАТО, но и во двата правци да има пречки. Од една страна не води добрососедски односи со Бугарија, од друга страна со Грција. Властите во Македонија треба да водат политика со која не всадуваат антибугарски чувства кај децата за да имаат тие негативен однос кон Бугарија, изјавил Унал Лотви од ДПС. (В.С.) 

ЕВРОКОМЕСАРОТ ЗА ПРОШИРУВАЊЕ НЕЗАДОВОЛЕН ОД ЗБОРОВИТЕ НА ПЛЕВНЕЛИЕВ
Филе: Интеграцијата е најдобро средство за справување со национализмот

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Штефан Филе воопшто не бил задоволен од зборовите на бугарскиот претседател Росен Плевнелиев. Филе рекол дека блокадите не се решение, туку интеграцијата е најдобро средство за справување со национализмот. Штефан Филе се согласил дека проблемите треба да бидат решени пред приемот на земјите во ЕУ, но потенцирал дека преговарачкиот процес не смее да биде заложник на овие проблеми.
– Сите знаеме дека ПЈР Македонија треба да чека долго време пред една затворена врата, очекувајќи членство во НАТО и ЕУ. Јас сум од оние луѓе кои цврсто веруваат дека не е добро да оставаме на партнерите долго да чекаат. Верувам дека интеграцијата е најдобро средство за да се справиме со национализмот. Нема никакво сомнение, ниту кај мене, ниту во Европската комисија за значењето на Бугарија за проширување. Тука сум за да се обидам подобро да ги дознаам интересите и стравувањата на Бугарија. Тука сум за да утврдиме како Комисијата би можела да и помогне Бугарија, за да го отвори својот потенцијал во однос на политиката на соседство. Би сакал да разговараме и за добрососедски односи во однос на тоа да ги исполниме со содржина за земјите од Западен Балкан, така што сите соседи тука да се чувствуваат удобно на своето место, му вратил Филе на Плевнелиев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top