| четврток, 6 декември 2018 |

Во Охрид почна Меѓународниот семинар за македонски јазик

За време на двонеделниот престој во Охрид, учесниците, меѓу кои има од САД, Канада, Финска и првпат од Азербејџан, ќе ги осознаваат и препознаваат знаењата за македонскиот јазик, литература и култура. Покрај 65-те стипендисти, на семинарот ќе бидат присутни и 16 магистранти, пет докторанти и осум професори кои во своите истражувања работат на македонистиката.

– Оваа манифестација веќе се препознава по својата благородна и специфична мисија во ширењето на македонистиката во светот. Во рамки на тоа, Универзитетот веќе се повеќе смета дека оваа манифестација треба да се препознава како летен универзитет на македонистиката – истакна на прес-конференцијата Славица Велева, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Предавањата ќе бидат во согласност со досегашните потреби и барања на стипендистите и се поделени на курс за лексикологија, семантика и фразеологија, курс по историско и културно наследство и курс за јазични вештини по македонски јазик.

– Само преку јазикот и културата се добиваат сите бенефити што ги има Македонија надвор од границите. Она на што работиме и треба да работиме како универзитет и како семинар е да привлечеме што повеќе учесници од високообразовните институции затоа што само на тој начин тие ќе можат да влијаат македонскиот јазик да стане составен дел од студиските програми на нивните универзитети – нагласи Велева.

Во рамки на семинарот традиционално ќе се одржи и 41. Научна конференција на која ќе присуствуваат 37 учесници од кои 13 од странство. Новина е тоа што по повод 65-годишнината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) предвидено е да се одржи и Отворен ден на универзитетот. Годинашниот семинар се поклопува со одбележувањето на 65-годишнината од основањето на УКИМ и 70-годишнината од АСНОМ и официјализирањето на македонскиот јазик како службен јазик во Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top