СДСМ да се врати на работа и проблемите да ги решава преку дијалог. Ова е апелот на политичките партии од Европскиот парламент. И левицата и десницата се едногласни-бојкотирањето на институциите е нездраво за демократијата.
Во Европскиот парламент каде се подготвува конститутивната сесија во Стразбур, на прашањето на дописникот на МИА поставено директно до политичките групи, од групата на Европските социјалисти и демократи одговорија дека ги поддржуваат изјавите на еврокомесарот Штефан Филе, кој ја повикува опозицијата да се вклучи во работата на Собранието.
– Ова ќе биде најдобар начин за решавање на проблемите и да се придонесе за реформите кои се неопходни за земјата. СДСМ е нашата сестринска партија и ние им пружаме солидарност со предизвиците со кои се соочуваат во нивната домашната политика. Но ние признаваме дека културата на бојкоти и дезангажирање од страна на една партија во која било од нашите земји-партнери, ризикува да биде контрапродуктивна и да го минира демократскиот процес, вели во одговорот групата на Европските социјалисти и демократи.
Групата на социјалистите и демократите тука забележува дека известувачот за наштата земја Ричард Ховит, ја одобрува оваа декларација, откако претходно помогна за склучувањето на 1 мартовскиот договор, со кој заврши претходниот бојкот на Парламентот. Понатаму во одговорот се вели дека тие се согласуваат со СДСМ дека изборните нерегуларности кои се сметаат како причина за бојкотот треба да се проучат. Овие нерегуларности беа подвлечени од страна на ОБСЕ и заедничката изјава на делегацијата на ЕУ и на Амбасадата на САД.
Групата на Народните партии го привилегира политичкиот дијалог како средство за решавање на политичките разлики. Бојкотирањето на Парламентот може да има негативни последици за политичкиот процес во земјата, се вели во одговорот од најголемата политичка група на Европскиот парламент.
– Ние им советуваме на главните политички актери да воспостават конструктивен политички дијалог и да осигураат коректно функционирање на демократските институции на земјата, завршува коментарот на Народните парти.
Од групата на Зелените и Слободната европска алијанса посочија дека тие засега не се во мерка да реагираат, бидејќи по европските избори во нивната група повеќе немаат пратеник кој го следи македонското прашање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.