Последните десетина дена на релација Брисел – Скопје има интензивна размена на информации и пораки за чија содржина јавноста не е известена. Тоа што го потврдуваат западните дипломати е дека комуникацискиот канал е насочен и кон Владата, но и кон опозицијата. На екипата на премиерот Никола Груевски ѝ се порачува дека сите забелешки што ги дадоа ОБСЕ и другите странски претставници и организации треба да бидат адресирани исто како што се случувало кога претходно имало предизвици низ кои минувала земјата. Во Брисел не се задоволни од дел од процесите за кои одговорност има и власта, и затоа се очекува спорните моменти да бидат надминати преку институциите и соодветните процедури кои функционираат успешно со години.
Тоа што е шокантно за СДСМ е фактот што вокабуларот кон нив од страна на Европската унија е далеку подиректен и посуров. Главната порака што се испраќа засега преку неофицијални средби и гласници е дека бојкотот не е ни меѓу теоретските опции за Брисел. Партија што се смета за европска не смее ни да размислува за бојкот на институциите чија главна цел е да ја подготват земјата за членство во ЕУ, сметаат изворите на „Република“.
Политичкиот дијалог е двонасочен процес
Аналитичарите се уверени дека СДСМ ќе направи грешка ако смета дека во политичкиот дијалог власта е таа што има обврска да дава, а опозицијата има право да бара исполнување на желбите.
Однесувањето на СДСМ во период во кој земјата има пред себе низа важни настани, и тоа во година кога се случува најголемиот судир меѓу светските сили по Студената војна, во најмала рака е неодговорно. Се разбира, тргнувајќи од сопственото искуство, Унијата не може да поверува дека чекорите на Заев се прават поради личната суета на поединци кои не можат да признаат пораз и поради тоа не ги признаваат изборните резултати. Но, ако во многу скоро време раководството на СДСМ не излезе со платформа во која ќе има конкретни чекори за политички дијалог и прекин на политичката криза наместо бојкот во различни форми, тогаш опозицијата ќе ги загуби и онака малите симпатии во Брисел, сметаат западни дипломати што добро ги познаваат балканските правила на игра, особено принципот да му умре козата на комшијата.
Тие додаваат дека СДСМ не треба да има никакви дилеми што мисли Брисел за новата влада што ја формираат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. И покрај делумните забелешки за процесот на избори, Груевски и Ахмети го имаат апсолутниот легитимитет да ги водат граѓаните. Признанието на Заев, кој јавно порача дека и во идеални услови за опозицијата СДСМ ќе доживеал пораз од ВМРО-ДПМНЕ, е само потврда на исправноста на Брисел.
Европските аналитичари велат дека не сакаат ни да помислат што ќе се случи доколку однесувањето на СДСМ стане матрица на однесување на другите партии, при што е сосема логично овој метод да го користи и денешната власт кога ќе биде опозиција. Колку однесувањето на Зоран Заев е катастрофално може да се измери ако на маса се стави и можноста за бојкот од албанската опозиција или, пак, уште полошо, ако сите албански партии се договорат да ги бојкотираат институциите доколку не им се оствари некоја национална желба. Сите тие во иднина ќе можат да се повикаат на бојкотот на СДСМ и да речат дека не ги почитуваат институциите. Таквото сценарио, кое почна со настаните на 24 декември 2012 година, е една од најопасните политички игри што се во оптек уште од повлекувањето на ЈНА од земјава, согласни се и дипломатите и набљудувачите на состојбите.
Со барањето ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ги адресираат сите предизвици, и тоа во рамките на функционалните процедури, Брисел признава дека има проблеми во земјава, но тие не се ризични сѐ додека има институционални начини за нивно решавање. Проблемот со пораките кон СДСМ е што во Брисел нема разбирање за однесување што не може да се канализира во институции.
Европските претставници се збунети од однесувањето на Зоран Заев и на Радмила Шекеринска. Од малкуте контакти што ги имаат со нив, не можат да проценат што е суштината на дејствувањето на СДСМ. Освен тоа дека кај опозицијата има огромно ниво на омраза кон Груевски, никој не може со сигурност да каже што планира Заев, ниту кој е следниот чекор на партијата. Лидерот на партијата мора да знае дека Македонија не е единствената земја во регионов и пошироко во која опозицијата се чувствува онеправдано. Со години многу слична беше состојбата во Албанија, но и тогаш единствената порака до тогашната опозиција на Еди Рама беше прекин на бојкотот и враќање на институциите. ЕУ нема намера сега да го промени својот принцип според кој политичкиот дијалог е единствениот начин да се дојде до напредок.
Погрешни процени од аналитичкиот центар на опозицијата
Лидерите на СДСМ мора да ги преиспитаат претпоставките врз основа на кои ја спроведуваат партиската агенда, која е штетна за целата држава. Особено откако веднаш по изборите го убедувале своето членство дека ќе има целосен бојкот од странските дипломати во земјава. Сигналот кој дојде по инаугурацијата на старо-новиот претседател, Ѓорге Иванов, кога во ложата на Собранието се појавија амбасадорите на највлијателните западни земји, мораше да им покаже на Заев и, особено, на Шекеринска, која важеше за најомилен лик кај меѓународната заедница во земјава, дека Владата и претседателот нема да бидат изолирани.
Со тоа меѓународниот фактор испрати уште една многу важна порака до опозицијата. И Брисел и Вашингтон му порачаа на Заев дека сценаријата за насилство, блокади, граѓанска непослушност и слични акции за кои шпекулира членството, не само што нема да бидат поддржани, туку ќе бидат и јавно осудени. Тоа што го сугерираат странските познавачи на домашните собитија е опозицијата да почне што е можно побрзо да работи на подготовка на членството за враќање во институциите и, како што тоа го прави Заев во Струмица и Жерновски во Центар на локално ниво, со проекти и идеи да се спротивстави на централната власт. Незадоволството на членството од долгогодишниот статус на опозиција не смее да биде пречка за трезвено однесување на раководството. Однесувањето на опозицијата не смее да стане причина за подлабока криза во земјава и во регионот, и тоа во ситуација во која светот се наоѓа пред нови геостратешки поместувања. Доколку се случи тоа, можеби нема да биде важно кој е виновникот, но јасно ќе се знае кој ќе биде жртвата на несериозната политика на дел од партиите, сметаат изворите на „Република“.
Пишува: Горан Момировски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.