| четврток, 6 декември 2018 |

Макфестовската легенда избегна затворска казна во Идризово

Холандскиот музичар Питер Џон Босе, познат по макфестовската химна „Самба во Штип“ е ослободен од страна на кривичниот суд за кривичното дело „лажно пријавување“.

Во нов процес, по иницијатива на Босе, судот оцени дека тој не ја излажал полицијата.

Пред три месеци, „Фокус“ ја пренесе приказната за човекот кој 30 години живее во главниот град на Македонија и неволјите со кои музичарот се справуваше во последниот период.

Во март Босе пријавил дека семејното возило е украдено. Иако автомобилот бил кај сопругата, а тој не знаел, му беше поднесена пријава дека лажно пријавил. Првично во судската постапка  бил казнет со парична казна од 1.400 евра, но тој ниту знаел дека има процес, ниту пак некогаш бил во судница да ги изнесе аргументите.

Откако изминал рокот за извршување на паричната казна, полиција во февруари годинава го приведе со намера да го пренесе во Идризово, каде би издржувал казна затвор од четири месеци, одреден во име на неплатената пресуда. За цела среќа, истиот ден Џон Босе успеа да плати 1.400 евра и така не заврши зад решетки.

Потоа побра нов процес затоа што за првиот немал никаква информација и бил осуден во отсуство. Во тој, повторениот, е ослободен од одговорност. Сега ќе има право да покрене постапка за исплата на отштета.

За парите кои ги платил, но и за неколку месечниот стрес, еве што напиша Босе на неговиот Фејсбук профил:

„Денеска среќни вести после многу стрес поради апсењето од страна на полицијата на 14-ти февруари. Јас бев неправедно обвинет, а сега македонскиот суд ги отфрли сите обвиненија против мене!

Ви благодарам на сите вас, мои пријатели кои што верувавте во мене, и за убавиот напис во Фокус, каде исто така веруваа дека сум неправедно прогонуван!

Уште еднаш, последниот збор не е кажан и јас ќе барам финансиска надокнада за сѐ што изгубив!“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top