Вкупно 268 кандидати од кои 25 се независни се пријавиле во трката за градоначалници за локалните избори во Македонија кои ќе се одржат во март. За членови на општинските совети се поднесени 350 кандидатски листи, од кои 93 се независни, соопшти Државната изборна комисија до која пристигнаа потврдените кандидатски листи за советници и за градоначалници за претстојните локални избори од сите 80 општински изборни комисии и од Градот Скопје.
ДИК утре ќе го одржи жребувањето за утврдување на единствената листа на кандидати за членови на советите на општината, односно Советот на Град Скопје и единствена листа на кандидат за градоначалник на општината, односно Градот Скопје.
Општинските изборни комисии утврдените единствени листи ќе ги огласи најдоцна 25 дена пред денот определен за одржување на изборите, односно на 26 февруари до сите населени места и на избирачките места во општината, односно во Градот Скопје.
Утврдените листи на кандидати во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот се објавуваат покрај на македонски и неговото кирилско писмо и службениот јазик и писмо што го употребуваат граѓаните во таа општина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


