| четврток, 6 декември 2018 |

За викенд, дежурни здравствени служби отсега и во „Идадија“

Дежурните тимови во оваа поликлиника ќе работат секоја сабота од 7:30 до 19:30 часот, како и во недела и за време на државни празници. Со ова во сите поликлиники на подрачјето на град Скопје ќе има континуирана здравствена заштита за сите осигуреници

noknasluzba

Граѓаните на Скопје отсега ќе можат да добијат здравствени услуги и за време на викендите во дежурната служба на поликлиниката „Идадија“.

Дежурните тимови во оваа поликлиника ќе работат секоја сабота од 7:30 до 19:30 часот, како и во недела и за време на државни празници. Со ова во сите поликлиники на подрачјето на град Скопје ќе има континуирана здравствена заштита за сите осигуреници.

Освен во Здравствениот дом Скопје и во уште шест здравствени установи во помалите градови, во останатите 23 здравствени домови низ државата не е организирана дежурна служба.

– Преку следењето на издадени рецепти од страна на дежурните аптеки констатирано е дека само седум здравствени домови во државата ги почитуваат договорите и обврските на Фондот. Покрај Здравствениот дом во Скопје и уште шест здравствени домови, останатите 23 здравствени домови најверојатно немаат организирано дежурна служба бидејќи добивме голем број поплаки од осигурениците – изјави директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева-Змејкова.

Таа најави контроли во овие здравствени домови со цел да се види како се распоредени капацитетите за да во координација со матичните лекари се направат обиди да профункционира дежурната служба и во овие градови.

– Во здравствените домови во Скопје, Велес, Кратово, Радовиш, Македонски Брод и Виница функционира дежурната служба и тие го оправдуваат постоењето на дежурните аптеки бидејќи гледаме постојано издавање на лекови на рецепт. Сите останати како оние во Битола, Охрид, Тетово, Куманово и Струмица не се покриени осигурениците со дежурна служба и здравствена заштита за време на викенд – посочи Парнарџиева-Змејкова.

Надлежните велат дека идејата за функционирање на здравствените домови заедно со матичните лекари е со цел населението да биде 24-часовно покриено од аспект на здравствената заштита.

Во дежурните служби на Здравствениот дом Скопје досега се извршени 153 интервенции и 60 прегледи на возрасни пациенти и шест интервенции и 69 прегледи на деца.

– Бенефитот за граѓаните е тоа што каде и да се наоѓаат на територијата на град Скопје во сабота можат да добијат услуга од матичните доктори бидејќи се користат печати на установата и може да се подигнат лекови на рецепт, истакна директорката на Здравствениот дом Скопје, Татјана Баевска-Вуќковиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top