Ангела Меркел се задржа на водечката позиција на листата најмоќни жени на светот, што ја изработува познатото списание „Форбс“, додека втората позиција и припадна на претседателката на Американската централна банка (ФЕД), Џенет Јелен.
Четврти пат последователно и деветти пат за послените 11 години Меркел е на врвот на листата најмоќни жени на светот, објави во средата Форбс.
Американската бизнисменка и филантроп Мелинда Гејтс е на трето место, како и минатата година, додека бразилската претседателка Дилма Русеф падна од второ на четврто место. Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Французинската Кристин Лагард од седмо се искачи на петто место.
На шесто место на годишниот попис на најмоќни жени на светот се најде Хилари Клинтон, додека новата директорка на General Motors, Мери Бара го зазеде седмото место, пред Мишел Обама, која е осма.
На листата 100 најмоќни жени, 18 се најдоа оваа година прв пат, а меѓу нив и Џенет Јелен. На листата има девет шефици на држави, 28 извршни директорки и 13 милијардерки.
Најмлада на листата е 28-годишната ексцентрична пејачка Лејди Гага, а најстара е британската кралица Елизабета (88) на 35-то место.
Магазинот Форбс оваа листа ја составува врз основа на моќта и богатството кое го поседуваат влијателните жени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



