Ветеранот Лејтон Хјуит и надежниот бугарски тенисер Григор Димитров го завршија настапот на Ролан Гарос во раната фаза од натпреварите.
Аргентинецот Карлос Берлок го уништи сонот на 33-годишниот Хјуит дека може да направи подвиг и да се пласира во завршницата на гранслемот во Париз. Берлок победи со 3-1 и продолжи понатаму, а Лејтон ќе чека нова шанса за да се обиде да го поправи најдобриот пласман на Ролан Гарос. Дострелот досега му се двете четвртфиналиња во 2001 и 2004 година.
Димитров не најде рецепт за да се справи со бомбите на Иво Карловиќ, па испадна со убедливи 0-3 во сетови. Еден од најнадежните светски тенисери, не успева да го потврди раскошниот талент на големите турнири, а овојпат „падна“ пред налетите на 208 сантиметри високиот хрватски тенисер.
Карловиќ имаше 22 аса и играше подобро од Димитров, иако ривалот беше фаворит. Понатаму одат и Давид Ферер, Андреас Сепи и Филип Колшрејбер.
Кај дамите изненадување направи Кристина Младеновиќ со елиминација на шампионката од 2011 година, На Ли. Кинеската претсавничка потфрли и мораше да се пресели во публиката. Младеновиќ победи со 2-1 во сетови. Најубедливи попладнево беа Симона Халеп и Светлана Кузнецова, а во следната рунда се пласираа и Бертенс, Пављученкова, Џорџи, Переира, Риске, Вотсон, Кирстеа, Младеновиќ, Солер Еспиноза, Херцог и Свитолина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


