Македонска државна и црковна делегација, предводена од претседателот Ѓорге Иванов, денеска се поклони на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим.
Со молебенот на гробот на сесловенскиот просветител чиноначалствуваше митрополитот европски г. Пимен, во придружба на отец Климент Мишањ од Пјаченца, јави известувачот на МИА.
Во состав на државната делегација за молебенот на традиционалната манифестација во чест на основачите на првата словенска азбука Свети Кирил и Методиј, беа и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, и амбасадорите на Македонија во Рим и во Ватикан Оливер Шамбевски и Звонимир Јанкулоски.
Првпат по 1999 година, на молебенот на Македонската православна црква на гробот на Свети Кирил, присуствуваа амбасадорите на Бугарија во Рим и Ватикан Марин Рајков и Кирил Топалов. На чествувањето на гробот на Свети Кирил од Бугарската црква, попладне, според најавите, ќе присуствуваат македонските амбасадори Шамбевски и Јанкулоски.
– Ова е поклонение во рамки на бугарската делегација. Ние доаѓаме тука првпат, а вие доаѓате кај нас на нашето поклонение во 15 часот. Тоа е начело на еден чекор кој би можел да не одведе до едно постепено подобрување на дијалогот и наоѓање решение за општо чествување на општата историја – изјави Рајков.
Претседателката на Комисијата за односи со верските заедници Валентина Божиновска, присуството на бугарски државни претставници на македонското поклонение, го оцени како значајно за двете држави.
– Мислам дека ова е голема потврда за македонскиот народ дека сме дел од големото словенско семејство. Бидејќи е еден од најголемите верски сесловенски празници, Денот на Кирил, лично сметам дека кога светот се обединува во една голема глобализација и на цивилизациска и на културолошка, верска и образовна основа, ваквите чествувања се уште еден чекор напред за РМ и нејзиното, пред се, политичко и државничко однесување затоа што светот веќе нема граници и се обединува – изјави Божиновска, истакнувајќи дека чествувањето е голема работа за двете држави.
Поклонението на гробот на свети Кирил во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.
Црквата го прогласила 24 Мај за Ден на просветителите Свети Кирил и Методиј во 11 век.
Денот во Македонија првпат е одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св. Богородица во Скопје. Од 2007 година 24 Мај е и државен празник на Република Македонија.
Паралелно со 46. издание на манифестацијата во чест на Свети Кирил Македонија одбележува и 20 годишен јубилеј од воспоставувањето на дипломатските односи со Ватикан.
Како дел од културната програма за манифестацијата и јубилејот во Ватиканските музеи завчера беше отворена изложба „Словенски ракописи од 13 до 19 век“, а синоќа во театарот „Куирино“ беше изведена театарската претстава „14 часа“.
Фото: MIA
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.