Премиерот Никола Груевски во лично име и во името на Владата на Република Македонија, упати четитка по повод 24 Мај – Денот на македонските и сесловенските просветители и учители.
– Придобивките од епохалното дело на големите браќа свети Кирил и Методиј Македонија и светот ги чувствуваат и денес, а тие ќе продолжат да бидат подеднакво важни уште милениуми. Дарот на писменоста со кој тие го благословија нашиот народ не задолжи вечно да ги спомнуваме и славиме нивните имиња како душевни татковци на нашата цивилизација. Нивното дело е пресвртница во историјата на многу народи, а наша гордост што оние кои биле негови креатори потекнуваат од овие простори. Глаголицата која тие ја создадоа е темелот врз кој е градена културата на македонскиот народ и на многу други народи низ Европа. Таа е прототипот кој овозможил да се изразуваме, да твориме и да ја запишуваме нашата историја, се вели во честитката од премиерот Груевски.
Како што нивните животи инспирирале бројни идни преродбеници, светители и просветници кои нивниот животен труд го воздигнале во височините на бесмртноста, потенцира Груевски во честитката, така денешното потсетување на нивното дело нека претставува неисцрпна инспирација за нас. Угледувајќи се на нивните достигнувања, неизмерната љубов кон Бога и кон својот народ, порачува тој, да го продолжиме нивното дело преку континуираното градење и развој на Република Македонија и на културата препознатлива за нашиот народ.
– Нашиот народ поминал низ бројни искушенија, и сум убеден дека и оние предизвици со кои денес се соочуваме ќе бидат зад нас, ќе не направат посилни и поубедени во нашата заедничка цел развој, просперитет и градење сигурна иднина. Делото на светите браќа Кирил и Методиј не научи како со смиреност, верба во Бога и почитување на различностите можеме да направиме многу. Верувам во мудроста на нашите граѓани и знам дека ќе постигнеме и изградиме многу повеќе, стои во честитката од Груевски по повод Денот на македонските и сесловенските просветители и учители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Заев со честитки за Курбан Бајрам: Да ја јакнеме заедницата како едно општество за сите
-
Мицкоски го честита Бајрам: Богатството е во различностите на верите, културите и традициите
-
Мицкоски со честитка до припадниците на АРМ: Нашите војници ги исполнуваат највисоките НАТО стандарди!
-
Претседателот Иванов го честита Рамазан-Бајрам: Дозволете ми овој ден да повикам на слога и заедништво