| четврток, 6 декември 2018 |

Порака од Маџиров во име на ПЕН-центарот по повод Светскиот ден на културна разноликост: Различноста и личноста

nikola madzirov
Македонскиот писател Никола Маџиров по повод Светскиот ден на културната разноликост за дијалог и развој на ОН и УНЕСКО, 21 мај, вечерва на меѓународната поетска вечер „Различни јазици – различни гласови“ која ќе се одржи во Градската библиотека Браќа Миладиновци во 19, 30 часот  ќе ја прочита годинешната порака.
Организатор на настанот е Канцеларијата на Потпретседателот на Меѓународниот ПЕН Поетики.

„Различноста и личноста се две имиња на тивкиот инстинкт кон изворноста. Да се наследи името на некој кој (од)умира е повеќе одржување на поинаквоста од живите, отколку егзистенцијален нагон на традицијата.

Борхес пишува во „Елегијата“ за неговата судбина како пловидба низ единственото и осамено море на различните имиња. Ги именуваме најблиските со прекари, умножувајќи ги нивните вообичаености, ендемските видови ги умножуваме на банкноти, меѓу корици, низ скулптури и минијатурни реплики, доволно мали за да ги поминат сите безбедносни гранични скенирања на различноста.

Како дете покажував кон играчките кои не ми се познати, сега ги допирам само оние што ги познавам. Искуството е познавање на разновидноста, а неискуството ми дозволува да ја живеам без координираните социјални инструкции за нејзино почитување. Говорите на обединувачите се полни со фрази за континуитет на разновидноста, но сега во поинакви контексти, присетувајќи се на начинот на којшто религиите ги претопија различните ритуални страсти за чудотворност и спектакуларност.

Бодријар ја сместува различноста, заедно со исчекувањето, несигурноста и испосништвото како суштински елементи од коишто се состои возвишеното барање на верата.Вертикалите на разбирањето се исцртуваат низ разновидниот колорит на небата на надежта. Вавилонската кула е клише за лингвинистичката скала на раздорот, а преведувачкиот мост за хоризонталното разбирање меѓу смртниците. Помеѓу нив, книжевноста е осамено море на сеќавањето по коешто пловат универзалните зборови на различноста.

Ветрот ја памети пепелта на изгорените книги, очите на диктаторите ги чуваат од заборав забранетите страници, влагата во музејските книги им ја враќа нивната ранливост и разновидност. Археологијата ги лепи парчињата на сличноста, но сегашноста е целина на разновидноста.

Општествената агресија насочена кон една културолошка или историска вистина ни го враќа молкот како видлив код на разбирањето. Да се молчи кога сите викаат е присуство, да се вика кога сите викаат е револуционерно исчезнување. Да не се заборави: мимикријата е начин да се преживее, а различноста – да се живее“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top