| четврток, 6 декември 2018 |

Никола Маџиров доби признание Европски поет за 2016 година

Маџиров соопшти дека паричниот износ што му е доделен од фестивалот ќе го донира за справување со последиците во поплавените подрачја

На поетот Никола Маџиров синоќа на свеченост во Кингс колеџ во Кембриџ, Велика Британија, му беше доделено признанието Европски поет за 2016 година за придонес во современата европска поезија.

Признанието, во вид на рачно изработена скулптура сребрен лист, му беше врачено на гала-вечера, во присуство на градоначалникот на Кембриџ, заменик-ректорот на Кингс колеџ, поети и уметници кои учествуваат на фестивалот „Шу Жимо поетри енд арт“ и други видни гости од универзитетскиот и книжевниот свет. Наградата му ја врачи Ален Мекферлејн, професор на Кингс колеџ.

Маџиров пред присутните гости читаше стихови на македонски и англиски јазик во превод на Пеги и Греам Рид, а наградата ја посвети на загинатите од поплавата во Македонија.

Пред присутните тој изјави: „Листот од врбите долж реката Кем е еден од симболите на Кембриџ. Листот е јазик на кревкоста, а кревкоста е единственото оружје на поетите. Оваа награда ја посветувам на загинатите во поплавата во Македонија. Велат водата има долго паметење, овој пат ние сме тие што треба да паметат. Суровоста на стварноста е во сознанието дека она што го имаме во најголемо количество во нашите дела – водата, може така лесно да нѐ убие”.

Маџиров соопшти дека паричниот износ што му е доделен од фестивалот ќе го донира за справување со последиците во поплавените подрачја.

Наградата за животно дело и придонес во светската современа поезија му беше доделена на Беи Дао од Кина, неколкукратен кандидат за Нобелова награда за литература и венцоносец на Струшките вечери на поезијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top