
Премиерот Никола Груевски денеска телефонски разговараше со Бакир Изетбеговиќ, претседавач на претседателството на БиХ, во врска со актуелните природни непогоди што ја зафатија БиХ. Соговорниците разменија мислења и информации околу потребите и можностите за поддршка и за помош. Премиерот Груевски изрази сочувство за жртвите од поплавите и ја истакна подготвеноста да продолжиме со помошта. Истакна дека БиХ може да смета на нас во рамките на нашите можности.
Премиерот истакна дека, покрај стоковна поддршка (вода, храна, лекови, облека…), Македонија ќе даде и финасиска поддршка за помош на настраданите. Бакир Изетбеговиќ изрази благодарност за помошта што ја дава Македонија.
Министерот Миле Јанакиески на дневна основа ќе комуницира со центарот за справување со непогоди на БиХ во врска со координацијата на соработката. Премиерот Груевски оствари и телефонски разговор со Небојша Радмановиќ, српскиот член на претседателството на БиХ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


