Во летото 1991 година грчкиот антрополог Анастасија Каракасиду, заедно со својот сопруг, правејќи теренски истражувања во делови од егејска Македонија, на пат кон градот Лерин, застанале во едно од селата од воденската околија. Од разговорот со локалното население, Каракасиду добила, за неа, зачудувачки одговори. „Двајца млади мажи“, пишува таа, „седеа веднаш до мене, зборуваа на јазик што не го разбирав. Тие ме поздравија на грчки, а јас ги прашав на кој јазик зборуваат – ’македонски‘“, одговориле тие, загатнувајќи ѝ во тој момент многу нејасни работи. Обидувајќи се да ја запознае македонската „приказна“ од еден друг агол, таа го продолжила разговорот:
„јас почнав да зборувам љубезно за селото со поголема група мажи, кои пополека ја полнеа продавницата. Иако нашиот разговор се одвиваше на грчки, тие на моменти ќе прекинеа и ќе продолжеа да зборуваат на славомакедонски јазик, за да се аргументираат меѓу себе за одреден проблем, еден од нив ми ги претстави фактите на грчки јазик. Како и сите села во регионот, нивните имиња беа променети во сегашната грчка форма во 1936 година за време на диктатурата на Метаксас. Малата црква во селото имаше натписи на ’словенски‘, но подоцна беше премачкана. Кога прашав, ми рекоа дека мажите во селото првпат научиле грчки за време на воената служба, по 1912 година. Место да бидат испраќани на ’српскиот фронт‘ во текот на Првата светска војна, регрути од оваа област беа стационирани во Лариса, област во централна Грција… Тие самите беа третирани лошо, и често беа нарекувани грчки граѓани ’бугарофони‘… ’Ние не сме бугарофони‘ – ми објаснуваа тие. ’Ние имаме тешкотии во комуникацијата со ’Србите‘, кои доаѓаат да работат на нашите плантажи со овошје. Ние зборуваме на ист јазик како што зборуваат во Гевгелија или на бугарската граница, но ние не го разбираме јазикот што се користи во Бугарија или во Србија‘. Жените од селото, ми беше кажано, беа последни што го научија грчкиот јазик, како и некои стари луѓе, сега веќе починати, кои никогаш не го научија. Под режимот на Метаксас сите селани беа принудени да одат во вечерни училишта за да го научат грчкиот јазик. Секој што ќе беше ’фатен‘ да зборува славомакедонски беше принуден да пие рициново масло, а некои дури биле и малтретирани. Млади луѓе што го користеа славомакедонскиот јазик во училиштата беа тепани. Во вечерните часови одредени поединци беа назначени да патролираат во селото и да ги слушаат луѓето што дома зборуваат на славомакедонски. Славомакедонскиот јазик денес пополека исчезнува од селото. Младите луѓе чувствуваат дека не се во ’мода‘ и се срамат да го говорат. На повеќето луѓе сè уште им е непријатно да го зборуваат својот мајчин, славомакедонски јазик. ’Ние не сакаме повеќе проблеми‘, објаснија некои. Каде и да најдете стари документи или материјали, напишани со кирилично писмо, тие, едноставно, беа уништувани“ (A. Karakasidou, Politicizing Culture: Negating Ethnic Identity in Greek Macedonia, 1993).
Споменатиот пример е само еден од начините на кои мал дел од интелектуалната елита и поединци – либерали во почетокот на деведесеттите години од минатиот век ја осознавале реалноста во северниот дел на Грција. Ембаргото од страна на институциите на грчката држава по Граѓанската војна (1946-49), да се отвори каква било дискусија за „македонското прашање“ придонело во самата Грција да се верува во „хомогеноста“ на грчката нација-држава.
Како и да е, осврнувајќи се на современото македонско движење во Грција по Граѓанската војна, може да се направи дистинкција на два периода: 1949 – 1981 година и од 1981 до денес. Во првиот период може да се забележи дека де факто македонскиот народ во Грција бил во „кома“. По силниот „шок“ од Граѓанската војна и огромната депопулација, пред сè на македонската младина, условите биле премногу тешки, па дури и невозможни да се развие какво било национално движење. На ова ќе се додаде и политиката на официјална Атина за непостоење на македонско малцинство во државата, која, впрочем, паралелно спроведувала процес на асимилација, придружена со сеење страв и терор, егзекуции, депортирања… Исто така, неповолни биле и меѓународните услови во блоковската поделеност за време на Студената војна. Ситуацијата не се променила и по воената диктатура во Грција (1967-74), бидејќи репресијата и асимилацијата врз Македонците продолжиле со несмалено темпо.
Промената на политичката сцена во Грција во 1981 година и модернизацијата на грчкото општество со доаѓањето на власт на партијата ПАСОК, го означува вториот период, т.е. почетокот на развојот на современото македонско движење. Биле направени првите чекори. Во надеж за подобро утро Македонците дале масовна поддршка на владата на ПАСОК. Се појавила првата генерација високообразовани Македонци, кои биле на раководни функции во пониските ешалони на партијата. Се случила и постепена демократизација во полицијата, барем во почетниот период. Сето ова придонело да дојде до постепено охрабрување кај Македонците, кое се манифестирало со повторно слушање на македонска музика во рестораните, на панаѓурите, свадбите итн. Меѓутоа владата на ПАСОК набрзо го покажала вистинското лице. Во 1982 година и во 1985 година биле донесени добропознатите закони, кои дозволувале репатриација и враќање на имотите на политичките бегалци, но само на Грците по род. Исто така, било решено да не се признаваат дипломите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во кој, во тој период, имало околу 120 студенти од Грција, повеќето Македонци. Постепено македонскиот народ сфатил дека социјалистичката влада на ПАСОК не само што не преземала чекори за да се поправи неправдата од минатото, туку, напротив, нејзината политика се движела во крајно спротивен правец.
Во такви околности дел од Македонците во Грција почнале тајно политичко групирање и активирање на национален план. На парламентарните избори во 1985 години во избирачките кутии биле пронајдени гласачки ливчиња на кои се изразувале протест и осуда кон грчката држава, но и се нагласувал македонскиот идентитет. Во 1987 година тројца Македонци реализирале тајна посета во Брисел, во седиштето на Европската економска заедница. Во 1990 година од страна на 70 македонски активисти било поднесено барање во судот во Лерин за отворање Дом на македонска култура. Паралелно, тајно, од рака на рака, почнал да се дели весникот „Моглена“. Исто така, во грчкиот печат сѐ почесто можеле да се прочитаат текстови, како овој во весникот „Стохос“, од 21 август 1987 година, каде што се известувало дека на Спасовден во леринското село Крапештина селскиот кмет играл оро по звуците на „македонските словенски песни“ – „Елено моме, Елено“ и „Слободна Македонија“.
Промените на светската сцена, кои се најавувале кон крајот на осумдесеттите и на почетокот на деведесеттите години од минатиот век со падот на комунизмот и крајот на Студената војна, овозможиле македонското прашање во Грција да се претстави и пред меѓународните институции. Во таа насока, во летото 1990 година македонска делегација од егејскиот дел на Македонија била дел од Конференцијата за европска безбедност и соработка (КЕБС, денес ОБСЕ) во Копенхаген, Данска, каде што јасно и отворено пред меѓународната заедница го постави прашањето за правата на Македонците во Грција. Претставници на македонското движење учествувале и на наредните две конференции на КЕБС, во Москва во 1991 година и во Хелсинки во 1992 година.
Во септември 1991 година била формирана политичката организација „Македонско движење за балкански просперитет“ (МАКИВЕ), со седиште во селото С’ботско, Мегленско. Главни вели на МАКИВЕ беа да се спротивстават на расизмот, национализмот и на милитаризмот во Грција и да работат за мирна коегзистенција и соработка меѓу народите на Балканот. Во организацијата имало членови од повеќето околии од егејска Македонија, од Леринско, Кајларско, Воденско, Костурско, Солунско, Кукушко, итн. Меѓутоа, развојот на македонското движење во Грција предизвикало силна реакција од државните институции, со цел, со методи на заплашување и на притисок, да ги премислат и одвратат македонските активисти од поставените цели. Така, на пример, бил откажан панаѓурот во селото Овчарани со интервенција на полицијата и леринскиот префект, додека во печатените медиуми се пишувало за „агенти“ и за „предавници“. Жителите на селото Пателе биле карактеризирани од префектот Пападопулос како „скопјани“ и „Бугари“, бидејќи барале правилна распределба на земјоделската земја, која илегално, со премолчена согласност од државата, им била доделена на жителите на соседното село, кое, патем речено, било населено со грчко население…
(Пишува: Д-р Димитар Љоровски-Вамваковски
Текст објавен во 88. број на неделникот „Република“, 9.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Студентите на ФИНКИ изработија нова едукациска алатка за учење историја
-
Бекер: Да имав можност да играм со Федерер на Вимблдон, сигурно ќе бев поразен!
-
Жежов: Република Македонија е исправена пред еден од најтешките предизвици од независноста до денес
-
Проф. Котлар: Можеме да зборуваме за заеднички процеси во одредени периоди со Бугарија, но не и за заедничка историја