| четврток, 6 декември 2018 |

Министерот Ивановски на Светскиот ден на телекомуникациите во Женева

ivo ivanovski

Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на телекомуникациите и информатичкото општество, кој во организација на Меѓународната телекомуникациска унија (ITU) утре, на 16 мај ќе се одржи во Женева, ќе учествува ќе земе и министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Целта на годинашната средба, како што информираат од ресорното министерство, е да се помогне во подигнувањето на свеста дека употребата на интернетот и другите информатички и комуникациски технологии можат да влијаат на развој на економиите и општествата во целина, а ќе се разгледуваат и начините за надминување на дигиталниот јаз.

-Оваа година главна тема ќе биде „Широкопојасниот интернет за одржлив развој“ во рамките на која главен акцент ќе биде ставен на глобалната заложба за постигнување универзален пристап до широкопојасен интернет, како и да се поттикне политичката волја за постигнување на оваа цел.  Исто така, ќе се разгледуваат и технолошките решенија за пристапот на широкопојасниот интернет во руралните средини, во најмалку развиените земји и малите островски земји во развој, се вели во соопштението.

Mинистерот Ивановски ќе оствари средби со генералниот секретар наМеѓународната телекомуникациска унија, Хамадан Туре, како и со заменик генералниот секретар, Хоулин Жао, искористувајќи ја можноста да ја презентира кандидатурата на Република Македонија за членство во Советот на ITU. Исто така, тема на состаноците ќе бидат и заложбите на Република Македонија во воспоставувањето на CERT (National Cyber Emergency Response Team).

Инаку, добитници на наградите во рамките на одбележувањето на годишнината на ITU се претседателот на Руанда, Пол Кагаме, претседателот на Република Кореја, Парк Геун Хју и Карлос Слим.

Светскиот ден на телекомуникациите се прославува секоја година на 17 мај почнувајќи од 1969 година, по повод одбележувањето на основањето на Меѓународната телекомуникациска унија и потпишувањето на првата Меѓународна телеграфска конвенција во 1865 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top