Фантастичниот уругвајски репрезентативец Луис Суарез, кој е член на Ливерпул, ја има најдобрата сезона во својата кариера. Тој за „црвените“ од Ливерпул постигна 31 гол и е прогласен за најдобар фудбалер во Премиерлигата за оваа сезона.
Медиумите во Англија во текот на целата сезона шпекулираа дека Уругваецот ќе премине во шпанските гиганти Барселона или во Реал Мадрид. Реал Мадрид веќе подготвувал понуда од околу 70 милиони фунти за трансфер на Суарез во редовите на „кралскиот клуб“.
– Јас знам дека никаде и никогаш немам потпишано никаква клаузула во договорот дека му се дава посебен приоритет на некој клуб. Имав одлична сезона, медиумски шпекулации секогаш постојат, но сега сум сконцентриран само на репрезентацијата и престојното Светско првенство – изјави Суарез за шпански „АС“.
Не знам дали воопшто сум потребен во Барселона. Тие имаат одлични фудбалери. Барса знае кои играчи им се потребни и што посакува тренерот. Имам договор со Ливерпул и секогаш го давам максимумот за тимот во кој играм, додаде уругвајскиот ас.
Суарез може да ја добие златната копачка за најефикасен стрелец во Европа, но има ист број голови со Кристијано Роналдо. Ако Роналдо не постигне гол во последното коло од шпанското првенство, Суарез ќе ја добие златната копачка поради помал број одиграни натпревари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.