| четврток, 6 декември 2018 |

Да не ве проколне Гутман

Бенфика е проколната екипа или има голема доза на суеверие, а интересна е приказната за Бела Гутман и неговата клетва од пред половина век насочена кон гигантот од Лисабон.

Вчера Бенфика го загуби осмото финале во низа, во европските купови, а подобра беше Севилја и го освои пехарот во Лигата на Европа.

Приказната за унгарскиот тренер Гутман датира од почетокот на 60-тите години на минатиот век. На двапати со него на кормилото, Бенфика беше европски првак, во 1961 година и следната сезона, а проклетството датира оттогаш. Имено, Гутман барал скромно зголемување на платата, но претседателот на клубот дрско го одбил. Разочаран од односот кон него, унгарскиот тренер тогаш ја изговорил реченицата што и ден денес ги мачи симпатизерите на популарните „Орли“ од Лисабон.

„Во следните 100 години Бенфика нема да освои европски трофеј“, рекол Гутман и си заминал. И оттогаш поминаа цели 52 години, а португалскиот клуб загуби пет финалиња во Купот на шампионите, сега преименуван во Лига на шампионите, еден Куп на УЕФА и две финалиња во Лигата на Европа, натпреварување што е продолжение на поранешниот Куп на УЕФА. Гутман предводеше блескава генерација на Бенфика, а тој го „откри“ и Еузебио, една од најголемите фудбалски икони на сите времиња. За него велат дека бил голем визионер со одлична стратегија и фудбалско познавање.

Веднаш по пристигнувањето во Бенфика отпуштил дури 20 играчи, го подмладил тимот, а му дал шанса на Еузебио, кој блескаше и стана една од најголемите фудбалски ѕвезди на сите времиња. За жал менаџментот на Бенфика немал слух да донесе праведна одлука и да го награди знаењето, трудот и резултатите на Гутман, нешто што им донесе несреќа и ги прогонува „орлите“ од Лисабон цели 52 години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top