| четврток, 6 декември 2018 |

Виз ер скопски маратон: В недела ќе трчаат рекордни шест илјади учесници

Директорот на маратонот, Кире Синадиновски, соопшти дека првпат има пријавени кандидати од Бразил и од Португалија

maraton1

Годинешното јубилејно, 10. издание на „Ви зер скопски маратон 2014“, кое е закажано за в недела (почеток 9 часот), дефинитивно, ќе биде поинакво од останатите. Со рекордното учество на повеќе од 6.000 маратонци од 46 различни земји во светот во сите категории се покажува дека оваа манифестација полека прераснува во заштитен знак на Скопје, и дека македонските граѓани сѐ посвесно размислуваат позитивно за спортувањето.

Директорот на маратонот, Кире Синадиновски, соопшти дека првпат има пријавени кандидати од Бразил и од Португалија.
Оваа година главен промотор на „Виз ер скопски маратон 2014“ ќе биде рекордерот Волсон Кипсанг од Кенија, кој минатата година на маратонот во Берлин го собори светскиот рекорд.

Новина во годинешното издание е зголемувањето на наградниот фонд за околу 60 отсто во однос на минатогодишниот во вкупна вредност од 16.000 евра. Максималната награда, во зависност од оствареното време на маратонската трка, е 3.800 евра.
И овој пат главни фаворити за освојување на маратонот се атлетичарите од Кенија. За потсетување, минатата година Вајклеф Кипкори Бивот и Каролин Кипруто поставија рекорд од 2:21.56, односно 2:49.48 часа.
На програмата се трката на 5 километри, која има хуманитарен карактер, полумаратонот и главната трка долга 42.195 метри.
Како најава на главното случување в недела, денеска ќе се одржи детската трка на 500 метри.
Скопскиот маратон првпат се одржа во 1997 година, а по 1998 година имаше пауза од девет години кога повторно беше обновен и осум години се одржува непрекинато.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top