… продолжение (претходниот текст)
Во 1959 година во историјата се забележани заклетвите на жителите на три македонски села (Тремено, Лудово и Крапештина), кога Македонците, пред Библија, биле принудени да се откажат од говорењето на мајчиниот јазик. Влијанието на државните институции во овие церемонии било несомнено, впрочем целата организација, идеја, контрола и спроведување било нивно дело. Овој феномен, иако краткотраен, подоцна се трансформирал. Во пролетта 1962 година жителите на селото Острово, Воденско, дале „групна изјава за послушност“. Текстот бил потпишан од 600 жители на селото, како и од селскиот свештеник, претседателот, потпретседателот и од секретарот на општината. Исто така, се потпишал и надзорникот на основните училишта во Воден, Георгиос Паламас, на кој, „според еден подоцнежен крајно доверлив извештај, му се препишува и соодветната иницијатива“. Изјавата, т.е. прогласот бил наменет за „скопјаните – псевдомакедонци“. Составувачите на прогласот прво констатирале: „никогаш не постоела, во нашата триилјадна историја, македонска нација на Балканскиот Полуостров, туку географски простор, со ненарушен национален, јазичен и религиозен аспект на грчкиот континуитет“. Составувачите на изјавата се откажале, т.е. ги откажале Македонците од својата традиција и историја користејќи лажни факти дека „никогаш нашите македонски свештеници не изведувале литургија во нашите цркви, за време на турското владеење, на словенски или на македонски јазик, туку само на грчки“ и дека „никогаш нашите македонски учители, во нашите училишта, не предавале на словенски или на македонски јазик, туку само на грчки“. Причината за составувањето на изјавите било резултат на краткотрајното заладување на југословенско-грчките односи во пролетта 1962 година, поради „сѐ поголемите претензии на Југословените за постоење на македонско малцинство“ во Грција.
Паралелно со многубројните меморандуми, предлози и планови, кои пристигале до државните органи, а кои биле наменети за решавање на македонското прашање и за конечна асимилација на Македонците во Грција, свое „мислење“ дал и познатиот „национален стратег“ од тоа време, Филипос Драгумис (1890-1980). Филипос бил долгогодишен државен службеник и еден од најистакнатите национални идеолози поврзани со македонското прашање во воениот и во повоениот период од грчката историја. Тој потекнувал од фамилијата Драгумис, која имала корени од Македонија, од гратчето Богатцко. Неговиот татко и брат, Стефанос и Ион, биле едни од главните идеолози на грчката политика кон македонското прашање во периодот на османлиската доминација, но и по приклучувањето на дел од Македонија во рамките на Кралството Грција.
Погледите за македонското прашање во Грција, Ф. Драгумис ги изнел преку „доверлива белешка“, испратена до сите компетентни институции во грчката држава, насловена: „За внатрешното спротивставување на славомакедонскиот заговор против северна Грција“.
Денес овој документ се наоѓа во архивата на Филипос Драгумис, во библиотеката Генадиос во Атина, под папка 96-11 и е со датум од 14 септември 1962 година.
Во воведниот дел авторот предлага да се определи погранична зона од 30 до 35 километри, од островот Крф до реката Марица. Драгумис сметал дека во зоната треба да се „преземат порешителни мерки и спротивставувања со уставни и законски средства на туѓите пропаганди, посебно на славокомунистичката, и треба да се однесуваат на проширување на грчкиот јазик кај туѓојазичните жители, кои веќе се двојазични, штом веќе го познаваат грчкиот јазик од основното училиште и нешто повеќе машката популација од воената служба“.
Ваквите мерки, според авторот, не смееле да добијат меѓународен публицитет бидејќи би предизвикале реакција поради „употребата на секакви средства и геноцид од страна на државата“.
Во согласност со тогашната грчка политика, но и меѓународните односи во периодот на Студената војна, Драгумис го детектирал комунизмот како главна опасност за интересите на грчката држава и за влијанието што соседните комунистички држави го имале меѓу македонското население во Грција. Анализирајќи ги односите во комунистичкиот блок и влијанието на СССР во тогашните држави на Балканот, но и меѓусебниот судир меѓу Југославија и Бугарија за тоа чие е „словенското“ население во Грција, авторот предлагал поединците „во централна и западна Македонија, кои граничат со Југославија, пред сè да се именуваат како ’Бугарофони’, отколку како ’Македонци’ што зборуваат божемен ’македонски’ дијалект“. А ние ќе прашаме, зар Драгумис во оваа ситуација не ја преземал улогата на кум на еден цел народ?!
Драгумис, исто така, предлагал дефинитивно да се реши меѓусебниот влез и излез на жители од Југославија на грчка територија и од Грција на југословенска територија, во должина на границите на двете држави, посебно на линијата Битола-Лерин, т.е. за луѓе што ги обработувале имотите во соседните државни територии. Тој сметал дека е неопходно да се прекине оваа практика и да дојде до заемна отштета на сопствениците на имоти во соседната држава, сè со цел да се прекине комуникацијата на Македонците од двете страни на границата. Во таа насока, нагласил дека мора да се спречи слушањето радиостаници од другата страна на границата, т.е. од вардарскиот дел на Македонија, или, пак, во грчките погранични области да се отворат радиостаници, на кои би се нагласило „православното христијанство, религиозното и национално чувство и дух. Да се воведат и образовни емисии за земјоделците и за сточарите, како за земјоделци – православни христијани – Грци, рамноправни со елинофоните уставни граѓани, како и народни, историски, археолошки, здравствени и други емисии“.
Неговите следни предлози се однесувале на изградба „во сите градови што имаат повеќе од 10.000 жители во северна Грција, со предност на тие од пограничната зона, археолошки музеи, да се вршат систематски ископувања и да се подигнуваат антички споменици. Да се организираат соодветни екскурзии на учителите, на учениците од средно и од основно образование и друго“. Овие насоки на Драгумис биле реализирани во годините што следувале. Доволно е денес да се направи една обиколка низ егејскиот дел на Македонија за да се забележат многубројните археолошки локалитети и споменици, кои, во согласност со грчкиот национален мит, треба да го поврзат сегашното население со античката македонска цивилизација, која, според грчките сфаќања, е дел од „бесмртната грчка нација“. Исто така, во периодот од 1963 година до 1981 година биле организирани екскурзии од страна на Кралскиот национален институт токму на целните групи од Драгумис. Друг замисла на авторот на овој документ, која е денеска реализирана, била изградбата на модерни магистрални патишта и поврзување на егејскиот дел на Македонија со другиот дел на Грција.
Во вториот дел, насловен како „Владино насочување и надзорништво“, Драгумис сметал дека во пограничната зона треба да се формира тричлена натпартиска комисија, која ќе зависи директно од премиерот на Грција и ќе дејствува независно од министерството за северна Грција.
Наредниот дел се однесувал на уредувањето на црковните работи. Драгумис го предлагал следново:
„Да се пополнат со добри и, во основа, морални и фамилијарни свештеници и чисти патриоти, сите празни места во енориите во полските села, посебно во пограничните околии, каде што постои туѓојазично население, и да се претпочитаат тие што потекнуваат од истото село или од истата околија, или, пак, од соседната елинофона (како на пример за костурската и за леринската околија да потекнуваат од нивните елинофони села, од Грамос, кожанскиот округ и други), да бидат приспособени на природната околина на местото и да бидат добри познавачи на локалниот менталитет на селаните. Нивниот живот да биде осигурен со достоинствена куќа, ако е можно и бавча, така, по природен пат, да се приврзат кон селото, се разбира, со најмалку двојно зголемена плата“.
Посебен дел авторот посветил на јавните службеници, кои служеле или во иднина би работеле во Македонија, за кои се претпоставува дека би имале важна улога во асимилацијата на Македонците. Овие лица, според Драгумис, требало да добијат значителни привилегии, како на пример: „Сите јавни службеници што се на служба во пограничната служба да добиваат бонус, освен платата, зголемен најмалку половина од платата, да се пресметува двојно времето на службата, да бидат должни најмалку три години да служат во истата околија“.
Исто така, службениците пред да бидат назначени во пограничната зона морале да поминат специјална обука, која се состоела од „запознавање со постојните проблеми“, а потоа „да бидат надоени со правиот дух за да можат да се спротивстават и постепено да ги решаваат проблемите, да бидат обучувани, најмногу, за начинот на однесување кон сите жители, без разлика, особено кон туѓојазичните. Да им осврне посебно внимание на учителите, на собирачите на даноци, на полицајците и на сите јавни службеници, кои почесто доаѓаат во директен контакт со селаните. Исто така, и на офицерите со понизок чин и на подофицерите во војската. Префектите и повисоките службеници на префектурата да ги обиколуваат, колку што е можно почесто, рамничарските села и да доаѓаат во директен контакт со селаните од подвлечените села. На крај, од управните и судските власти строго да се казнуваат тие што вршат секаков вид експлоатација на селаните, особено туѓојазичните“.
Последниот дел од овој документ Драгумис го посветил на образованието. Тој изнел низа предлози со цел да се подобрат условите во образовниот процес, чијашто главна задача била асимилацијата на Македонците и наметнувањето на грчкиот јазик меѓу „туѓојазичните“. Од тоа што го читаме во напишаното, се барало пополнување на сите испразнети учителски места во основното и средно образование, целосна модернизација на постојните училишни загради и изградба на нови доколку не постоеле такви. Задолжителна посета на училиштата од машката и од женска популација.
На крај, Драгумис предлагал:
„Во сите села, особено во туѓојазичните, да се формираат забавишта каде што нема или не е доволен бројот на децата од предучилишна возраст. Така, тие да го изучуваат грчкиот јазик како мајчин јазик и да бидат надоени со православен христијански дух. Да се формираат вечерни училишта за неписмени родители, посебно за жените. Градинки, забавишта и вечерни училишта ќе биде неопходно да функционираат таму каде што се наоѓаат туѓојазични и надвор од пограничната зона. Кралската грижа во повеќе села, во секоја околија, има создадено за младината, каде што постојат туѓојазични и надвор од пограничната зона, интернат за девојчиња, како земјоделска домаќинска школа, слична на таа што многу успешно работи во Лерин, така, девојчињата потоа се враќаат во своите села како православни Гркинки, вистински јадра на христијанството и на грцизмот“.
(Пишува: Д-р Димитар Љоровски-Вамваковски
Текст објавен во 86. број на неделникот „Република“, 25.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Студентите на ФИНКИ изработија нова едукациска алатка за учење историја
-
Бекер: Да имав можност да играм со Федерер на Вимблдон, сигурно ќе бев поразен!
-
Жежов: Република Македонија е исправена пред еден од најтешките предизвици од независноста до денес
-
Проф. Котлар: Можеме да зборуваме за заеднички процеси во одредени периоди со Бугарија, но не и за заедничка историја