| четврток, 6 декември 2018 |

Сарајот на Нијази-бег дворец во градот Ресен

Отоманскиот кмет Нијази-бег, еден од водачите на Младотурската револуција, го изградил сарајот во почетокот на 1900 година, откако бил одушевен од убавината на еден француски замок, кој го видел на една разгледница што ја добил

Кога ќе дојдете во Ресен, патот ве води во ресенската чаршија, каде ве дочекуваат градбите што со своите тераси, столбови и фризови го доловуваат духот на Ресен, духот на градот, кој од голем број патописци е опишан како еден од најбогатите во Македонија, град од каде што произлегле голем број лекари, трговци, генерали и државници, кои својата моќ и богатство ја покажувале преку овие градби имитирајќи ги куќите и палатите во големите европски градови како Виена, Берлин, Париз… Но, за жал, голем дел од овие градби се оставени сами на себе и пополека ги нагризува забот на времето. Да се надеваме дека ова културно богатство ќе биде заштитено и уште долги години ќе го чува духот на градот потсетувајќи на голем број личности, настани, љубови… кои треба да се надополнуваат со доживувањата на идните генерации.

Сарајот на Нијази-бег, кој задолжително треба да го посетите доколку дојдете во Ресен, е изграден како париски дворец. Ресенскиот сарај, познат како сарајот на Ахмет Нијази-бег, е еден од најпретставителните примери на објекти градени во неокласичен стил во Македонија. Историјата вели дека отоманскиот кмет Нијази-бег, еден од водачите на Младотурската револуција, го изградил во почетокот на 1900 година, откако бил одушевен од убавината на еден француски замок, кој го видел на разгледницата што ја добил. Тоа е човекот што како водач на Младотурското движење ја освојува Битола. Доаѓа во Ресен, го гради овој сарај и вели: „Браќа Македонци, Власи, Роми, сега ќе живееме слободно сите во една држава, во едно демократско општество“. Подоцна, кога насетил дека султанот му пратил атентатори, избегал носејќи го со себе златото во Драч, каде што во 1912 година е убиен од истите атентатори.

Reportaza87-Resen-3

Нијази-бег бил роден во Македонија, во градот Ресен, според кој го добива и прекарот „Ресенли“ или во превод „ресенец“. Бил виден член на битолскиот комитет „Единство и прогрес“ и видно лице меѓу младотурците во Македонија. Со неговото одметнување во планина на 3 јули 1908 година почнала Младотурската револуција. На 5 јули упатил прокламација до христијанското население во Дебар, Преспа, Струга, Ресен и Охрид во кое го повикува на заедничка борба против султановиот апсолутизам. Во април 1909 година учествува во задушувањето на контраударот против младотурците во Истанбул, а во 1911 година учествувал во војната против Италија за Триполитанија.

 

Reportaza87-Resen-4

Ахмед Нијази-бег сакал да го направи Ресен „мал Париз“

 

Нијази-бег бил убиен во Валона, Албанија на 17 април 1913 година, од луѓе на султанот, на пат за Истанбул. Според друга верзија, тој е убиен во Драч, качувајќи се на брод. Според Петар Чаулев, Нијази-бег не бил убиен по нечие решение, туку поради лична омраза и одмазда.

Ахмед Нијази-бег сакал да го направи Ресен „мал Париз“, сакал да изгради мостови, слични на париските мостови на Сена. Неговата куќа се наоѓала веднаш спроти сарајот и сакал да направи мост преку улицата за да може полесно да стигнува до сарајот. Сакал да ја урне веќе постојната чаршија и да направи нова со улици што ќе личат на париските. Воден од овој сон, сакал да ги урне и дуќаните што биле таму, но ресенските трговци не го прифатиле предлогот на Нијази-бег и тој во 1910 година, налутен запалил 30 дуќани на ресенските еснафи. Подоцна им платил за штетата, но не успеал во идејата да го направи Ресен „мал Париз“ бидејќи во 1912 година Турците масовно заминале од градот.

 

Reportaza87-Resen-5

Ресенската современа керамичка колонија

Таа е една од десетте професионални колонии во светот. Преку 200 автори за три и пол децении изработиле 800 дела што се сместени во галерискиот простор на ресенскиот сарај и се национално богатство што извира од милениумската традиција на грнчарството. Делата на Ресенската керамичка колонија се суштина на изложбената активност на оваа институција и имаат пропатувано низ поголемите градови во Македонија. Редовно биле излагани на Меѓународното триенале на керамика во Белград и во Суботица, во Државната галерија на Пловдив во Бугарија, како и на Деновите на македонската култура во Истанбул во Република Турција. Највисокото тело во колонијата е нејзиниот Совет. Уште при основањето, Советот го составува и Статутот, според кој се регулира работата на учесниците – керамичари. Притоа, секој учесник е задолжен во текот на дваесетдневната работа да создаде од три до пет уникатни дела, кои натаму остануваат во трајна сопственост на Галеријата на современа керамика во Ресен.

Керамичката колонија е една од десетте колективни членки на меѓународната академија за керамика при УНЕСКО во Женева.

Инаку, сарајот по своите архитектонски и естетски вредности им парира на градбите од неокласицизмот од почетокот на 20 век. Фасцинантниот објект е висок 25 метри, со површина од 4.800 квадратни метри внатрешен простор. Довршувањето и интервенции во оваа зграда (внатрешно) се изведувани со менувањето на властите. Неговиот покрив е обновен во 1982 година, а во 2005 година е реставриран со средства од „Светска банка“.

Ресенскиот сарај, кој до ден денес претставува значајно обележје на градот, служел како седиште на многу управи по балканските војни. Тука била сместена српската управа, а потоа управата на Кралството Југославија. За време на двете светски војни овде се наоѓале окупаторските управи, а по ослободувањето биле сместени градската управа на Ресен, домот на културата „Драги Тозија“, Градската библиотека, Музејот на Ресен, Ресенската керамичка колонија, Радио Ресен и неколку простории на невладините организации, од кои едната го носи името на Нијази-бег.

 

Reportaza87-Resen-2

Aктер на Европа

Оваа интернационална театарска манифестација се одржува веќе седум години, во прво време се организираше во туристичката населба Отешево за последните години да се префрли во Домот на културата во Ресен.

Во основа, сарајот е симетрично решено централен дел и две странични крила (источно и западно). Во вертикала сарајот е поделен на подрумски дел, приземје, кат и мансандра. За темелите на оваа градба биле користени дабови греди од Пречна Планина што жителите на село Коњско со чунови ги носеле до Сирхан, а мермерот што е вграден во Сарајот е носен од локалитетот Плочине кај село Болно.

Носивната конструкција е од носивни ѕидови Д=40-85 см. Изведени од тврд материјал – печена тула и вар како врзувачко средство. Меѓукатните конструкции се од челични профили исполнети со тула (ходници и холови) и дрвени греди (во останатиот простор). Покривната конструкција и конструкцијата на кубињата е дрвена, но со реконструкцијата на кубињата во 1982 година дрвото е заменето со челични профили.

Фасадните платна на сарајот богато се обработени: посебно главната (северна). Фасадите посебно се расчленети по хоризонтала со венци и фризови, едноподруго обработени, а по вертикала со пиластри, кои завршуваат со капители. Тој е грандиозна градба со која се гордеат ресенци. Таа го нагласува престижниот статус на „најубавиот објект во Македонија“.

 

Reportaza87-Resen-6

Музејска изложба на Кераца Висулчева

Најголемиот дел од животот Кераца Висулчева го минала во Пловдив, Бугарија. Но целиот свој живот копнеела по своја македонска држава и на крајот го доживеа едновековниот сон да умре во државата Македонија. Пред својата смрт, таа емигрира во Република Македонија, во 1996 година, каде што Министерството за култура ѝ се оддолжи водејќи грижа за нејзиниот престој во Македонија, обезбедувајќи заштита и грижа за делата што ги остави за Македонците и на Македонија. Целото творештво од преку 500 дела (слики, пастели, акварели и скулптури) Висулчева го остави во трајна сопственост на македонската држава. Нејзината последна желба беше уметничките дела да не се продаваат, туку да останат како дел од националното богатство на Македонија. Денес тие се изложени во културниот центар „Драги Тозија“ во Ресен и во Скопје.

 

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 87. број на неделникот „Република“, 2.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top