| четврток, 6 декември 2018 |

Двоен зијан за Реал Мадрид, само реми со Валјадолид и повреда на Роналдо пред финалето на ЛШ

Двоен зијан вечерва бележи Реал Мадрид, по ремито 1-1 против Валјадолид во заостанатиот меч во шпанското првенство. Титулата сега изгледа недостижна за „кралскиот клуб“, а патем им се повреди и главниот адут Кристијано Роналдо на неполни 3 седмици до финалето во Лигата на шампионите против градскиот ривал Атлетико.

Роналдо беше заменет уште во 9. минута, а не се знае дали ќе биде подготвен за круната на сезоната и финалето во ЛШ на 24 мај во Лисабон.

Реал поведе против Валјадолид со голот на Рамос во првиот дел, но не издржа докрај и прими погодок во 87. минута, кога Осорио беше прецизен и му донесе значаен бод на својот тим во битката за опстанок, а му одзеде огромни два бода на тимот од Мадрид во битката за титулата.

Моментно Реал е  на третата позиција во Примера со 84 бода, зад лидерот Атлетико кој има 88 бода и Барселона со 85. Лошо за амбициите на Реал е што во последното коло Барселона и Атлетико ќе играат меѓусебе, па „кралевите“ речиси и да немаат шанса да го освојат трофејот во домашното првенство, освен ако ривалите не кикснат во следната рунда. Атлетико игра дома со Малага и ќе и гостува на Барса, а Каталонците во следната рунда ќе му гостуваат на Елче, пре мега-дуелот со „јорганџиите“ од Мадрид. Реал во 37. коло ќе и гостува на Селта, а потоа ќе игра со Еспањол дома.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top