Новиот сопственик на австриската Телеком вчера назначи и нов директор. Зигмунд Мајерхофер ќе биде извршен директор на „Телеком Австрија“ во наредната година на местото на досегашниот Ханс Чуден. Договорот со Чуден е раскинат три години пред неговото истекување, а тој функцијата ќе ја напушти на крајот на овој месец, јави „Ројтерс“.
Мексиканскиот милијардер Карлос Слим, по маратонските преговори со австриската влада, минатиот месец постигна договoр за преземање на австрискиот телеком. По потпишувањето на договорот со австриската државна холдинг компанија, компанијата на Слим, „Америка Мовил“ соопшти дека за купување на преостанатиот удел во Телеком ќе понуди 7,15 евра по акција. За докапитализација, Слим ќе вложи милијарда евра, соопштуваат од неговата компанија.
– Овој договор е основа за иден раст, иновации и солидни инвестиции во „Телеком Австрија“ – изјавил извршниот директор на „Америка Мовил“, Даниел Хаџ. Благодарение на новиот договор, компанијата на Слим направи продор во Европа, имајќи предвид дека настојува да го прошири работењето надвор од Латинска Америка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.