Претседавачот на групата на Европските народни партии во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Педро Аграмунт, испрати честитка до претседателот Ѓорге Иванов и до премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по повод победата на изборите со желби да работат за доброто и сигурноста на жителите на Македонија како и досега.
– Цврсто верувам дека довербата што му беше дадена на Иванов од граѓаните на Македонија ќе биде поттик за продолжување на реформите кон обезбедување просперитет и благосостојба за сите. Им посакувам на Иванов и на Груевски успех во исполнувањето на овие цели – вели Аграмунт во изјава за МИА.
Аграмунт воедно апелира до опозицијата да ги прифати одлуките на мнозинството граѓани и да ги исполни своите демократски обврски. Изразува загриженост од одлуката на СДСМ да го бојкотира Собранието и да ги врати пратеничките мандати.
– Потребна е конструктивна опозициска партија за да се обезбеди мир, стабилност и просперитет за граѓаните на Македонија. Ја повикувам опозицијата да ги заземе своите места во Парламентот и да работи за иднината на земјата – истакнува Аграмунт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.